Владата даде зелено светло за буџетот за 2024 година: Ќе има за трошење 5,5 милијарди евра

Во Буџетот ќе има пари за зголемени плати, пензии, социјална помош и за сервисирање на обврските кон кредиторите – дециден е премиерот Ковачевски

Владата го усвои Предлогот на буџетот за 2024 година. Приходите се планирани на 5,040 милијарди евра што е за 10 проценти повеќе од годинешниов буџет, а расходите се планирани на ниво од 5,5 милијарди евра или 5,7 проценти повеќе од она што го имаме за трошење оваа година.

Буџетот е планиран на претпоставен економски раст од 3,4 проценти во 2024 година.

– Буџетот ќе биде столб на економското заздравување, а потоа и на економски раст. Растот на БДП од 3,4 проценти се темели пред сè на растот на бруто-инвестициите поддржани од државата, на мерките за економски раст, а двигател ќе биде и приватниот сектор, како и најавените инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони. Пристапниот процес кон ЕУ дополнително ќе ги поттикне странските инвеститори – рече премиерот Димитар Ковачевски на претставувањето на буџетот за наредната година.

Премиерот најави забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување странски компании, поддршка на домашни компании и реформски пат кон ЕУ.

– Во Буџетот ќе има пари за зголемени плати, пензии, социјална помош и за сервисирање на обврските кон кредиторите – дециден е премиерот.

Премиерот најави дека капиталните расходи ќе бидат 733 милиони евра и дека „буџетот има изразена развојна компонента“, при што се планира инвестициски циклус за да економијата застане на здрави нозе.

Во насока на понатамошна фискална консолидација, Ковачевски рече дека е предвидено намалување на буџетскиот дефицит за 150 милиони евра, така што буџетската дупка за наредната година е планирана на 545 милиони евра, или 3,4 проценти од БДП.

Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека во денешно време со низа кризи и предизвици е многу тешко да се прават предвидувања и најави дека до крајот на годинава ќе има уште една прераспределба на пари во Буџетот за 2023 година.

– Ценовната криза и геостратешките турбуленции не останаа без импликации на глобалните текови, а ја погодија и нашата економија која е мала и многу отворена. ММФ и Светска банка ги дели само една улица, често се консултираат, а имаат различни проекции и ги менуваат проекциите. Многу е тешко да се предвидува – рече Бесими.

На новинарско прашање, тој рече дека за двата изборни циклуси – претседателски и парламентарно – се предвидени 1 милијарда денари (околу 16 милиони евра).

– Колку што побара ДИК, толку одобривме – рече Бесими.

Тој оцени дека, вака како што е скроен Буџетот за 2024 година, тој е развоен, одржлив и дава солидна основа за економска перспектива на стопанството и на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот