Визуелната уметница Тања Балаќ ја доби наградата на 20. „Зимски салон“ на ДЛУМ

Отворање на 20. „Зимски салон“ на ДЛУМ во Чифте амам

Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) на 22 февруари во објектот Чифте амам при Националната галерија го отвори јубилејното 20-то издание на традиционалната изложба „Зимски салон“.

Кураторската тема на биеналната изложба „Зимски салон“ на ДЛУМ е со наслов „Интимност и интерконекција“. За учество на изложбата се пријавиле 80-ина уметници, а за финалната поставка се селектирани 34 дела од македонски и три дела од украински уметници.

Селекторка на изложбата е Оксана Карповец, кураторка од Украина која живее и работи во Париз. За учество на изложбата уметниците можеле да понудат дела изработени во различни техники и медиуми, а најважно било делата да одговорат на дадената тема.

– Во овие вознемирувачки времиња, со сцени на масовни злосторства, природни катастрофи, пандемии и климатски промени кои се одвиваат пред нашите очи секој ден, се јавува поголема свест за меѓусебната поврзаност на сѐ што се случува во светот. Секој настан од другата страна на планетата може да влијае на она што се случува овде и сега. Уште пред многу векови, митската поврзаност со сѐ околу нас – духовите на предците, природата, земјата, животните била природна и реална за луѓето. Но, со овој развој на логиката на модерното време, се јавува амнезија за глобалната взаемна поврзаност. Денес, човештвото е отсечено од чувството дека е дел од универзумот, сметајќи се себеси за супериорно и изолирано суштество, не само во однос на природата, туку и во однос на релацијата на луѓето едни со други. Само искуството и чувството на блискост и взаемно делување, кое се нарекува љубов, може да го намали отуѓувањето и атомизирањето на современиот човек, а уметноста е таа што може да ги иницира и провоцира сите овие чувства. Интимноста е многу важна во современиот свет, бидејќи нѐ прави луѓе – истакна селекторката Оксана Карповец.

Маја Рауник Кирков, Јана Манева-Чупоска и Оксана Карповец на средба со новинарите / Фотографија: Страхил Петровски

Претседателката на ДЛУМ, проф. д-р Јана Манева-Чупоска истакна дека „Зимски салон“ е една од најзначајните програмски изложби на Друштвото. Таа потсети дека првиот „Зимски салон“ се одржал во 1992 година, кога како куратор била ангажирана историчарката на уметност Викторија Васева Димеска.

Концептот на селективност, што се негува откако постои изложбата, е со цел што поголемо претставување на квалитетни дела кои одговараат на дадената тема и кои во себе ја содржат компонентата на современ концепт и современ ликовен израз.

– Историски гледано, оваа изложба е клучна во однос на смелите уметнички дебати и поставки со кои се потврдува улогата на визуелните дела како рефлексија на општеството, со независност која служи како платформа за експериментирање и предизвикување на постоечките конвенции во потрага по нови идеологии и начини на израз – потенцира проф. д-р Маја Рауник Кирков, претседател на Уметничкиот совет на ДЛУМ.

Биеналната изложба „Зимски салон“ има натпреварувачки карактер и се доделува една награда која овозможува двомесечен престој во македонското ателје во „Cite des artes“ во Париз, Франција. Добитник на наградата на 20. „Зимски салон“ на ДЛУМ е визуелната уметница Тања Балаќ со видеоделото „Следна генерација“.

Од 2003 година финансиските средства за престојот во Париз ги обезбедува Министерството за култура на РСМ. Особена благодарност за соработката Јана Манева-Чупоска изрази кон Националната галерија и директорката Дита Старова Ќерими. Графичкиот дизајн на каталогот за изложбата е на Христијан Санев.

На 20. „Зимски салон“ во Чифте амам се изложени дела од уметниците Ана Ивановска, Ана Спасова, Ана Трајковска, Ана В’чкова, Аница Китаноска, Валентина Илијевска, Дијана Томиќ Радевска, Дорина Тенева, Зулејха Зубери Али, Илиана Петрушевска, Ирена Паскали, Јана Јакимовска, Јана Луловска, Јана Манева-Чупоска, Коле Манев, Маја Кировска, Маја Рауник Кирков, Марија Мицова Гацова, Марија Чепишева, Марина Цветановска-Мартиновска, Мила Добревска, Мирослава Цветковиќ, Нела Јанковска, Ненад Тонкин, Никола Смилков, Озбек Ајваз, Пандора Апостолоска Саздовска, Славица Танеска, Слободан Милошески, Стефан Јакимовски, Страхил Петровски, Тања Балаќ, Христина Зафировска, Шќипе Мехмети, како и гостите од Украина Миро Клочко, Анатолиј Татаренко, Андриј Рачински, Даниил Ревковски и Сергиј Петлјук.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 219, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот