
Визуелна уметност: Проектот „А-Реакција“ на Марија Павловска имаше двојна презентација
Визуелната авторка Марија Павловска, која живее и работи на релација Скопје-Њујорк, овие денови имаше две презентации на својата уметничка работа. На 15 декември во Кинотеката на РСМ се одржа арт-презентација, која беше проследена со лајв-стриминг, на проектот „А-Реакција“, реализиран во „Мана контемпорари“ во Њујорк. На презентацијата учествуваа и соработниците во проектот, историчарот на уметност Горанчо Ѓоргиевски од Националната галерија на РСМ и фотографот Кервин Кендал Вилијамсон од САД.
Препорачано
Втората презентација, исто така онлајн, се одржа на 17 декември во разговор со Ајлин Камински од Њујорк. Камински дипломирала на Универзитетот Аделфи и е истакнат колекционер на современа уметност, интерес што го негува од 1990 година. Фондацијата на семејство Ејлин С. Камински (ЕСКФФ) е програма за престој на уметници за локални, национални и меѓународни уметници и студенти во средната кариера. Мисија на фондацијата е да обезбеди стипендија за материјали, грантови, едукативни програми, можности за изложба, посета на професионалци и студиски простор во средина што промовира самораст, поттикнува дијалог и соработка помеѓу уметниците, каде што е безбедно да се експериментира и да се преземат креативни ризици.
Авторката Марија Павловска во нејзината 20-годишна уметничка практика ја истражува уметноста користејќи ги поларните црно-бели бои и се истакнува со специфичен експресивен стил, кој е единствен, како кај нас (Балканскиот регион), така и на меѓународно ниво. Делата на авторката се составени од впечатливи, непостојни потези – опфаќаат поларни спротивности: светло и темно, полно и празно, црно-бело. Формите на делата на Павловска се развиваат од слика или цртеж до видео и инсталација.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 61, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 декември 2020)