Вишиот обвинител Цветановски не открива дали има амбиција да го замени Коцевски
Обвинителот Јован Цветановски, кој беше дел од обвинителите за кои беше запрена дисциплинската постапка оти не неправија увид на „крвавиот четврток“, ниту потврдува ниту демантира, дали евентуално би го заменил републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој не е по мерка на власта, а која го има потребното мнозинство во Собранието за да избере нов шеф на обвинителите. Цветановски по презентацијата на извештајот за работата на Вишото јавно обвинителство пред Советот на јавни обвинители не сакаше да зборува за своите амбиции.
– Ова не е место за амбициите мои. Јас сум од мојата 27-ма година во Обвинителство. Не сум размислувал за тоа – им рече тој на новинарите.
Премиерот Христијан Мицкоски пак не е задоволен од работата Коцевски и за нерешавањето на „епскиот“ криминал ги обвинува обвинителите. Коцевски пак вели дека ќе продолжи да работи чесно.
– Другите политички изјави не можам да ги коментирам. Доколку евентуално имам сторено некоја грешка, условите за евентуално разрешување се согласно Законот за јавно обвинителство – додаде Коцевски.
Вишиот обвинител откри дека за десетина дена ќе се знае дали скопското Вишо обвинителство ќе го воскресне предметот за бонусите кои ги земале обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство, по жалба на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, предмет кој предизвика „војна“ меѓу обвинителите, иако неодамна Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција одлучи дека нема основа за утврдување кривична одговорност.
Цветановски, кај кого припадна овој случај кој се актуализираше откако се смени власта, не откри детали за предметот, но најави дека конечната одлука ќе биде јавно објавена.
– Овој предмет е побаран по доставената жалба. Прво беше делумно доставен, а потоа, при крајот на октомври, беше побарано да биде доставен целокупниот предмет. Предметот е голем, сериозен, и за него треба да се направи анализа. Мислам дека за десетина дена ќе одлучиме – изјави Цветановски.
Тој се појави пред Советот на јавни обвинители заради извештајот како замена за неговиот шеф, вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, кој е суспендиран откако против него беше поднесена кривична пријава за мобинг врз вработени во ова Обвинителство. Токму Цветановски, заедно со Хајрулахи, пред јавноста кажаа дека Коцевски им вршел притисок за случајот со бонусите исплаќани во СЈО. Тој тогаш потврди дека заканата му била упатена преку неговиот шеф Хајрулахи. Исто така, беше најгласен кога тврдеше дека Коцевски во септември му рекол да внимава каква одлука ќе донесе за овој предмет, за потоа Коцевски, според Цветановски, да нарача вонреден надзор врз Обвинителството.
Државниот обвинител Коцевски го демантираше сето ова, а во Советот на јавни обвинители вчера се интересираше и му забележа на Цветановски зошто немал никаков процент во извештајот за ослободителни, осудителни пресуди, но и од колку жалби се повлекло Обвинителството. Цветановски беше воздржан, не спомена никакви притисоци, но не сакаше ниту да коментира зошто е прифатена жалбата на ВМРО-ДПМНЕ, кога таа не е оштетена странка во предметот, па немаат ниту право на жалба.
– Не би коментирал ништо – рече Цветановски, кој се повикуваше на извештајот од Обвинителството за вонредниот надзор, во кој се проверува и дали пропаднале предмети во кои буџетот бил оштетен со милионски суми поради тоа што обвинители во Вишото јавно обвинителство се повлекувале од поднесување на жалба.
Меѓу нив е и предметот „Поштенска банка“, кој не се најде во извештајот што беше презентиран пред Советот на јавни обвинители.
– Тој предмет е уште под анализа на државното обвинителство. Не би говорел сега ништо додека не се заврши извештајот. Не би сакал сега ништо да кажам, иако во тој предмет се испочитувани процедурите. При постапувањето, првостепениот обвинител има преземено процесни дејствија во насока на повлекување на 80 отсто од обвинетите и на кривичните дела. Во тој дел, како Вишо обвинителство, по жалбата поднесена на Обвинителството, јас имам укажувања на обвинителот и сакав и претходно да се направи надзор, па потоа да може причините да ги видите и вие – рече Цветановски.
Всушност, обвинителот Бурим Рустеми кој го водеше случајот „Поштенска банка“ го повлекол обвинението за поголем дел од обвинетите, а дури потоа Цветановски имал укажувања и е дециден дека вакви високопрофилни предмети во кои беа обвинети и високи функционери, не пропаѓаат само затоа што Вишото јавно обвинителство се повлекло од поднесување жалба.
– Не може обвинителот во прв степен да поднесе обвинение кое не ги содржи главните делови кои треба да ги содржи едно обвинение, а тоа се докази и опис на настан. Тоа обвинение треба да биде под судска опсервација, но треба да биде и под опсервација на нивното обвинителство. Во тие предмети се бара укажување, но треба да се направи и вонреден надзор на работењето на тој обвинител – вели Цветановски.
За впечатокот во јавноста дека токму тој постапува контра своите колеги, со оглед на тоа што во случајот „Поштенска банка“, обвинителот Рустеми поднел жалба до Апелација, а Цветановски не, тој побара случајот „Талир 2“ за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, да се врати на повторно судење, а за случајот „Тортура“ – да се потврди ослободителната пресуда за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, Цветановски тврди дека тоа му го дозволува законот.
-Законот ми ја дава таа можност. Не јас или моите колеги, вели Цветановски додека осомничен за криминал се спасуваат.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ревизијата на работата на обвинителите на СЈО ја најави и во својата владината програма.
„Ќе биде поведена постапка за ревизија и испитување на законитоста на целокупното работење на Специјалното јавно обвинителство, при што посебно внимание ќе се посвети на загрозување на човековите права направени во постапките на СЈО, прекршување на процесните закони при постапувањето на СЈО, расчистување на утврдените злоупотреби на исплатата на финансиските средства кон обвинителите“, пишува во дел од програмата.