Висат одлуките на претседателот на државата!

Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, спикерот Џафери ја закажал утрешната седница за потврдување на петте одлуки за вонредна состојба да биде чист пред Уставот и Деловникот, но нема да ја отвори расправата затоа што не е сигурен дека е обезбедено мнозинство од 80 пратеници, што може да повлече определени правни последици по претседателот на државата.

Пратениците во Собранието утре треба да ги разгледуваат и да одлучат дали ќе ги потврдат петте одлуки на шефот на државата Стево Пендаровски, со кои тој утврди вонредна состојба во Македонија од 18 март до 15 јуни поради пандемијата со коронавирус.

Овие одлуки може да предизвикаат нова правна неизвесност, но и политичка криза, затоа што треба да бидат потврдени со двотретинско мнозинство од 80 пратеници, а сѐ уште не се знае како ќе гласаат пратениците од опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ велат дека очекуваат за овие одлуки воопшто да не се расправа, а од СДСМ нема информација дали е постигнато потребното мнозинство.

Претседателот Пендаровски уште на 25 август до Собранието ги испрати на потврдување петте одлуки, а спикерот Талат Џафери утрешната седница ја закажа пред неколку денови, иако Уставот му наложува на Собранието одлуките за вонредна состојба да ги разгледува веднаш штом ќе може да се состане. Во одолговлекувањето на оваа седница, многумина гледаат обид прво да се обезбеди со сигурност двотретинското мнозинство, па потоа да се гласа, затоа што ако Собранието ги одбие одлуките за вонредна состојба, би настанале големи уставно-правни последици, а шефот на државата може да се соочи со постапка за отповикување.

Седницата ќе биде и ќе остане прекината?

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вели дека нивниот став ќе го кажат на утрешната седница од собраниската говорница, ако има можност за тоа, затоа што сметаат дека Џафери нема да ја отвори расправата по тие точки на дневниот ред.

Прочитајте и...  Николовски: Работиме силно на враќање на довербата во институциите од страна на граѓаните

– Ќе заземеме став и ќе го кажеме кога ќе почне расправата по точките. Мислиме дека претседателот Џафери нема да ја отвори расправата и кога ќе стасаат одлуките за вонредната состојба на ред, ќе ја прекине седницата затоа што не е сигурен дека е обезбедено двотретинското мнозинство. А немањето мнозинство може да повлече определени правни последици по претседателот на државата. Тој овие одлуки за вонредна состојба ги стави на дневен ред поради неговите уставни и деловнички обврски и така тој е чист пред Уставот и пред Деловникот на Собранието. Но, сметаме дека до дискусија и гласање воопшто нема да дојде – вели Мицевски за „Слободен печат“.

Тој додава дека ваквата состојба во која одлуките за вонредна состојба „ќе останат да висат“ може да потрае.

– Со разни образложенија може долго време да не се закажува продолжение на прекинатата седница. Во минатиот собраниски состав така останаа повеќе недовршени седници, меѓу кои и две интерпелации, едната за поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски. Тие незавршени седници потоа може да се најдат во разни извештаи за работата на Собранието и толку – вели Мицевски.

Ниту од коалицијата на Алтернатива и Алијанса за Албанците досега не се изјаснија како ќе гласаат за одлуките на Пендаровски, а од Левица најавија дека ќе ја поддржат само првата одлука, но не и другите.

Засега е неизвесно што ќе се случи на утрешната седница, а во Уставот не е предвиден краен рок до кога Собранието треба да ги потврди одлуките за вонредна состојба на шефот на државата. Освен за нив, Собранието треба да одлучува и за уредбите со законска сила, кои техничката влада ги донесе за време на вонредната состојба, а од кои дел се уште важат. Според експертите, прв приоритет на Собранието треба да биде верификацијата на уредбите, но правна претпоставка за тоа е дека вонредната состојба ќе биде потврдена.

Прочитајте и...  Пратениците на 27 октомври ќе расправаат за Законот за заштита од заразни болести и ребалансот на буџетот

Уставните недоречености ќе се покријат со закон

Пролетва МАНУ објави анализа на правните аспекти за вонредната состојба, во која нагласи многу уставни недоречености околу самото утврдување или прогласување на вонредната состојба и, меѓу другите заклучоци, упати неколку забелешки за начинот на кој претседателот ги донел одлуките.

„Одлуката е донесена врз основа на прогласувањето епидемија од страна на СЗО, така што отсуствува повикување на домашен акт за прогласување епидемија од страна на Министерството за здравство или од Владата. Но, притоа, поради погрешни формулации на самите уставни одредби од член 125, не се разликува прогласување епидемија од утврдување вонредна состојба, така што од одлуката на претседателот произлегува дека вонредната состојба е прогласена по некој автоматизам, кој ја следи одлуката на СЗО, притоа без постоење таква одлука на надлежните државни органи“, се вели во анализата.

Според правните експерти од МАНУ, Уставот не содржи поблиски одредби за траењето на вонредната состојба кога ја прогласува претседателот, како што е ограничена на 30 дена ако ја носи Собранието, односно „тоа треба да го одредуваат здравствените околности, траењето на епидемијата и потребата во тоа време Владата да донесува уредби со законска сила“. Експертите нагласуваат дека ограничувањето одлуката на претседателот вонредната состојба да трае најмногу 30 дена нема никаква смисла, затоа што ја превидува можноста епидемијата да трае и подолго, а поради збрката во уставните одредби, претседателот на 16 април донел нова одлука за „утврдување“ на веќе утврдената вонредна состојба.

Прочитајте и...  Раст на депозитите и на кредитирањето во септември

За уредбите со законска сила што ги донесува Владата во анализата се нагласува дека мора да бидат подложени на строги критериуми на нужност и пропорционалност. „Нивното дејство престанува со престанување на вонредната состојба. Уредбите, вклучително тие со кои е предвидено продолжено траење на нивното дејство, мора со престанувањето на вонредната состојба да подлежат на потврдување од Собранието, кое со посебен закон треба да уреди дали тоа дејство продолжува и да предвиди отстранување на нивните последици настапени врз основа на поединечни правни акти, евентуални компензации и така натаму“.

Заради недореченостите во Уставот во врска со вонредната состојба, која е регулирана со два-три члена, министерот за правда Бојан Маричиќ неодамна најави посебен закон, затоа што, како што рече, „не знаеме што нѐ очекува во иднина со корона-кризата“. Според него, добра идеја е набргу да се донесе закон за вонредна и воена состојба, за што ќе се формира работна група која ќе направи консултација со експертите, со опозицијата, со претседателот на државата и со владините претставници кои беа вклучени во спроведувањето на вонредната состојба.

Поврзани вести

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Мигрант безмилосно нападна стара жена

Илинка Иљоска

РКЕ: Пенали за компаниите, ако не ги греат граѓаните

Слободен печат

Ларда: Сакаме да ги направиме грчките производи уште подостапни

Весна Дамчевска

Народна банка ја засилува битката против фалсификуваните евра

Слободен печат

Скопскиот регион со најголемо учество во БДП

Слободен печат

Освен пандемијата зимава на Балканот му се закануваат и катастрофални поплави

Слободен печат

Остави Коментар