Вирусот ќе си замине, теоретичарите на заговори и будалите ќе останат

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Немам сомнеж дека вирусот еден ден ќе си замине, ама будалите и теоретичарите на заговори ќе останат засекогаш. Американците никогаш не биле на Месечината, Елвис и Кенеди се живи, ХААРП-от е сѐ уште тука, тука се илуминатите, масоните, земјата е рамна плоча, на грб ја носат три кита… Јас не сум експерт, не сум ниту стручњак, а богами слабо се дружам и со доктори. Немам поим што да ви кажам за да се заштитите од будали. Зарем малку ни беше вирусот, уште будалите да ги трпиме?!

Во нашата земја, каква е, таква е, сепак, многу се тресат зелени. Природно е човека да го плаши сѐ она кое не го познава, не го разбира, но, сепак, во 21 век стравот, меѓутоа, е средство за многу манипулации, вклучително и оние политичките.

Основната идеја на 5Г-мрежата е дека станува збор за петта генерација на паметни телефони. Секоја претходна траеше по пет или малку повеќе години, а ете, дојде време за нова генерација. Што е тоа 5Г-генерација? Прво, важно е да се каже дека никој нема да нѐ чипува, нема Западот да ни имплантира бубачка во вратот, и најважно – нема никој со помош на зрачење да ни го спржи мозокот, а нема ниту да нѐ зарази со коронавирусот. А, добро, море, Јовановиќ, што има тогаш во тоа 5Г?

За почеток ќе има многу поголема брзина на трансфер на податоци од онаа што сега ја имаме: 4Г или ЛТЕ. Брзината со 5Г ќе биде многу поголема од фиксните и кабелски оператори. Трансферот на податоци ќе биде поевтин, музиката и филмовите ќе бидат уште повеќе достапни, комуникацијата меѓу луѓето никогаш побрза и поцелисходна. Сите алатки што ќе ги користиме ќе бидат „паметни“ алатки.

Некои медиумски „работници“ со десничарски предзнак, но не само кај нас, гледаме дека тоа срање станува глобален феномен, дури и во оние земји за кои „тепаме“ дека се далеку поразвиени и поцивилизирани од нашата земја, забележаа лошо, глупаво и будалесто, дека модерната мобилна мрежа  5Г коинцидира со пандемијата на коронавирусот. Кога вирусот почна да се распламтува, на сцена стапуваат оние што веруваат дека во светот ама баш ништо не се случува случајно (што можеби е точно). Од сите возможни и невозможни „стручњаци”, желни за публицитет, ја открија 5Г-мрежата. На оваа тема, типично, се запали полуписмената публика. Или поточно речено – неписмените.

Мене многу ми е лесно да ги откријам „теоретичарите на заговори“. Е, како изгледаат? Како и сите луѓе. Генерално, имаат една глава, две раце и две нозе, ќе речете ништо особено. Е, тука ќе погрешите. Токму тука станува возбудливо.

Најпрво, ни се појавува лекар што објаснува физички феномени, или може да биде физичар, географ или историчар што знае сѐ за структурата на вирусот. Може да биде и поп, да ни удри една псалма од Божјото слово, да попрска со вода и зачади со темјан и на цел глас да викне: „Умри, сатано! Умри!“. Може да биде и познат спортист што мисли дека ако му расте банкарската сметка, така му расте и коефициентот на интелигенција. Ако пак спортистот е женет со убава и згодна манекенка, домаќинка и експертка за јога, домашна храна и „живот на висока нога“, полн погодок за милионите пациенти обесени на мрежите низ целиот свет.

Заедничко за сите овие „теоретичари на заговори“ е што имаат неверојатна и безобразна смелост да зборуваат за работи за кои немаат поим.

Најголемата пандемија што му се случи на светот, а тоа го имаме во историските читанки, е забележана на крајот по Првата светска војна, во време кога шпанскиот грип кој зарази повеќе од 500 милиони и уби околу 50 милиони. „Аргументите“, покрај многуте кои ги прочитав, приближно се овие: „секоја голема пандемија што се случила во последните 150 години коинцидирала со дополнителна количина на електромагнетни зрачења, вбризгана во нашата животна средина“. Аха, значи дека коронавирусот дошол заради електромагнетни зрачења? Така размислува будала со титула и така размислува „теоретичар на заговори“. За жал, тешко се полемизира со будалетинки за кои знаеме дека се многу „инвентивни“.

Видете, немам сомнеж дека вирусот еден ден ќе си замине, ама будалите и теоретичарите на заговори ќе останат засекогаш. Американците никогаш не биле на Месечината, Елвис и Кенеди се живи, ХААРП-от е сѐ уште тука, тука се илуминатите, масоните, земјата е рамна плоча, на грб ја носат три кита… Јас не сум експерт, не сум ниту стручњак, а богами слабо се дружам и со доктори. Немам поим што да ви кажам за да се заштитите од будали. Зарем малку ни беше вирусот, уште будалите да ги трпиме?!

Мијте раце, носете маска, држете растојание. Или подобро би било да завршам со еден цитат. „Границите што го раздвојуваат животот од смртта, во најдобар случај се сенки и магла. Кој е оној што може да каже каде завршува едното, а каде завршува другото?“ – Едгар Алан По, „Pramature burial“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот