ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Трифун Костовски: Не отстапувам од мојот порив да помагам

Трифун Костовски - Фото: Слободен печат / Методиј Здравев

Впечатлив по своите визионерски ставови и амбиции од една страна, но и упорен во борбата за зачувување на традицијата и автентичноста на нашите национални обележја, Трифун Костовски е човек кој со своето животно искуство оставил печат во нашиот културно-општествен живот децении наназад. За својот животен и професионален пат, за хуманоста и филантропијата како составен дел од неговиот живот, за неговото родно Скопје, Костовски зборуваше во утринската емисија „Слободен печат“.

 – Времињата се менуваат и Скопје како град, како еден урбан центар е подложен на процес на промени и растење на урбаните средини. Тоа е процес кој не можеме да го стопираме, тоа е неминовен процес на светско ниво. Јас Скопје го паметам во времето кога имаше 100.000 до 120.000 жители, јас сум роден во Ново маало, кога немаше водовод и канализација и улиците беа калливи. Времињата во тогашно и денешно Скопје се различни, денес чувствувам дека материјалната страна во живеењето и социјалната страна кај сите жители во Скопје е приоритет. Порано немаше големи разлики во имотниот статус на поединци, имаше луѓе кои беа деца, условно кажано на пратеници, на големи луѓе во тогашно време, меѓутоа во ниеден момент ние како деца не го почувствувавме притисокот на тоа дека некој има, а некој нема – изјави Костовски.

Познат по тоа што основал или финансирал многу фондации, спортски клубови, поединци, уметници, болници, невладини организации, културно-историски знаменитости, светилишта … за филантропијата вели дека е нешто кое се гради уште од мали нозе.

– Човек се раѓа, се воспитува и образува да биде филантроп. Тоа е еден сегмент од многу работи кои ги поминуваме во животот. Јас сум растен во конзервативно, христијанско семејство и мојот татко умееше да каже: „Кога ќе излезам на улица сакам да имам чист образ“. Тоа значи да не крадеме, да не маваме по сијалици, по прозорци, да не влегуваме по други дворови да крадеме цреши, кајсии … Едноставно да бидеме воспитани деца. Самата филантропија, хуманизмот е како религиски порив, имаш повеќе, сподели го со тој што нема. Тоа е една цивилизациска порака дека сум човекољубец и не само тоа, туку вљубеник во планетата Земја, сета флора и фауна за мене е дел од мојот живот. Јас сакам тоа да го сочувам автентично, така како што ќе го почувствувам, а воедно поттикнувајќи ја човечката раса да опстои во нејзиното битисување на Земјата што подолго, градејќи еден нов систем на вредности. Давање на една хумана димензија, да не бидеме обични животни – изјави Костовски.

Тој вели дека никогаш нема да отстапи од алтруизмот и хуманоста, без оглед на неговите моментални финансиски можности.

– И денес јас сум човекољубец, јас не можам да мразам, и тој што ми направил најлошо зло, тоа е негов проблем, јас сметам дека сум чист пред себе, пред мојата совест или Господ, како сакате. Јас сум чист. Да, имам грешки во животот, меѓутоа не сум ги направил свесно или не сум ги направил со цел некого да повредам. Напротив, ако можам да помогнам, помагам, секогаш сум тука за помош и денес, секако во поглед на моите можности финансиски, меѓутоа не отстапувам од мојот порив да помагам – вели Костовски.

Целиот разговор со Трифун Костовски можете да го погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот