ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Танчиќ: Професорската работа ја заменив со возење на шлепер
„Слободен печат“ во знак на Светскиот ден на жената 8 Март, во потрага по жени кои со својата работа ги рушат стереотипите за одредени машки професии.
Оваа седмица ја посветуваме на храбрата „понежна половина“ и преку нашиот серијал ве запознаваме со неколку дами кои се единствени, уникатни и посебни по својата работна позиција.
Снежана Танчиќ од Крива Паланка е една од ретките жени во државата и во регионот, која што вози шлепер. Иако има завршено високо образование и работела во образование, сигурната работа ја заменила со непозната и турбулента професија, која кај нас се уште е резервирана само за мажите.
Препорачано

-Ништо не е тешко, сè што се работи со љубов, оди лесно. Возаш на камион сум подолги години. Ја засакав оваа професија уште од мали нозе благодарение на мојот татко. Инаку, јас сум дипломиран професор по физичко. Моите родители на времето многу се лутеа, затоа што за жена подобра професија било да си професор. Почетокот беше многу тежок, дечињата ни беа мали, моравме постојано да ги носиме со нас- вели Танчиќ.
Таа вели дека во оваа професија поради истрајноста и лукавоста на жената, се гледа подобар резултат.

-Знаеме сето тоа да го организираме побезболно за разлика од мажите. Тие се понервозни, тие не можат да чекаат толку на истовар, многу товар… сè некаде брзаат… Ние жените имаме многу поголемо трпение, многу сме поитри. Ги охрабрувам сите жени што ја сакаат оваа професија, или слична на оваа професија што се смета како машка професија, да ја работат професијата ако ја сакаат, со љубов. А воедно, им го честитам и 8 Март, празникот на жената- бели Танчиќ.
Снежана денес е директор на успешна транспортна фирма, која ја основале заедно со сопругот и во изминатите години успеале да остварат сигурен бизнис, европски соработници и клиенти, но на почетокот требало голема посветеност, храброст и амбиција за да го реализираат замисленото. Со многу труд и енергија, Снежана успејала да ги надмине сите предизвици и предрасуди со кои се среќавала, се со цел да обезбеди подобра иднина за своите деца и семејството.
Целото интервју на колешката Агнеса Чаволи погледнете го во продолжение:


