ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Слаткари од Гостивар го прават највкусниот сладолед во Дубровник

Сенад Хајдари/ фото: Александра Вуксановиќ/ Слободен печат

Приказната за највкусниот сладолед во Дубровник се слуша надалеку, македонските туристи специјално на мапа бараат каде се наоѓа „Гелатерија Дубровник“ за да пробаат од овој сладок специјалитет. Не останавме покуси ни ние, љубопитно тргнавме низ древниот град, некогашна Рагуза, пешачејќи по калдрмата од 13 век, за да го пробаме ова прочуено слатко задоволство. Во топлата септемвриска квечерина одлично ни дојде освежувањето од млечна страчатела, ’ф’стак, сочна малина, чоколада и вкусна ванила.

 

Тројцата браќа Сенад Хајдари, Цане Хајдари и Кјутим Хајдари од Гостивар се третата генерација која успешно ја продолжува традицијата за правење сладолед во центарот на монденскиот далматински град. Традицијата на ова семејтво за правење сладолед опстојува долго, половина век, како што и долго ќе остане специфичниот вкус на сладоледот на вашето непце.

– Мојот дедо Невзат уште во далечната 1968 година од Гостивар дошол во Дубровник да продава сладолед. Првата продавница ја отворил овде блиску до нас, на првата уличка десно. Од 2006 година ние отворивме локал овде на „Страдун“ и среќни сме што не погрешивме со одлуката, одлично ни оди – вели Сенад Хајдари за „Слободен печат“.

фото: Александра Вуксановиќ/ Слободен печат

Хајдари вели дека нивната традиција има препознатлив вкус кој ги враќа муштериите, а посебно тие од Македонија.

– Нашиот рецепт има препознатлив вкус, муштериите се враќаат секоја година специјално за нашиот сладолед. Редовно имаме туристи од Македонија, слушнале за нас и наменски доаѓаат. На сите им се допаѓа сладоледот и многу од нив се враќаат и некоја следна година. Сакам и јавно да им се заблагодарам за тоа, цениме што нè бараат – рече тој.

Во слаткарницата моментално заедно со вработените работат и тројцата браќа сопственици на слаткарницата Сенад (36 години), Цане (45 години) и Кјутим (30 години). Вработените оваа година се млади Хрвати, но пред неколку години, едно лето, се присети нашиот соговорник, имале вработено девојка од Крива Паланка.

– Пред 2-3 лета имавме една девојка, Ана, од Крива Паланка што работеше кај нас. Во оваа прилика сакам и да ја поздравам. Сакаме кога имаме Македонци како колеги, размислуваме од следната година да земеме наши работници – објаснува Сенад.

фото: Александра Вуксановиќ/ Слободен печат

Една топка сладолед во оваа слаткарница чини 2,5 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот