ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Одблиску и лично со Владислава Војновиќ (драматург, писател, продуцент): Никогаш не ја дочекавме светлата иднина
По 35 години од култниот филм „Како је пропао рокенрол“, издавачката куќа „ПопБокс“ (PopBooks) ја ангажираше Владислава Војновиќ да подготви опсежна книга во чест на тоа музичко-филмско ремек-дело. Книгата која беше хит на штотуку завршениот Саем на книги во Белград е централна тема за разговорот што го имавме со Владислава, по професија драматург, писател и продуцент.
Една од работите која ги обои волшебните осумдесеттите години на минатиот век во поранешна Југославија беше и филмот и саундтракот „Како је пропао рокенрол“. Овој исклучително забавен омнибус на режисерското трио Горан Гајиќ, Зоран Пезо и Владимир Славица, и на тројца врвни музичари – Влада (Дивљан), Која (Душан Којиќ) и Гиле (Срѓан Гојковиќ) е приказна за диско нинџа, за една Барбара која сака да гледа видео, додека не се стопат боите и за една Ева која сака да стане мајка.
Триесет и пет години по филмот, издавачката куќа „ПопБокс“ (PopBooks) ја ангажираше Владислава Војновиќ да подготви опсежна книга во чест на тоа музичко-филмско ремек-дело. Тоа беше појдовната точка за разговорот со Владислава…
– Во тоа време сите мислевме дека „Како је пропао рокенрол“ е добар филм, но не дека е некое чудо невидено. Тоа се три кратки приказни на тројца млади режисери, и дека допрва од нив ќе следи подобро, кога ќе тргнеме кон светлата иднина. Но, си дојде крајот и никогаш не ја дочекавме таа светла иднина – вели Владислава за „Слободен печат“.
Таа по професија е драматург, писател и филмски продуцент. На покана од одговорните луѓе во „ПопБокс“ – Предраг Поповиќ и Горан Тарлаќ пред две години започна да ја уредува книгата за филмот „Како је пропао рокенрол“. Денес со наслов „Дај, бабо, главу!“ имаме опсежно четиво распослано на 400 страни. Насловот е продолжение на репликата „Зелени зуб презире славу – Дај, бабо, главу!“
Зелени Зуб секако е Која, првиот човек на култната „Дисциплина кичме“, еден од пионерите на новиот бран во Југославија. Авторот на дел од музиката и еден од главните ликови во филмот.
– Која е во Лондон и текстот за него, поточно интервјуто со него што е во книгата, не го направив јас, туку разговараше Предраг Буца Поповиќ, кој исто така поголемиот дел од своето време престојува во Лондон. Тоа е првото огласување на Која по неколку години… – открива Војновиќ.
За тоа која е тајната на успехот на филмот „Како је пропао рокенрол“ се обидовме да одгатнеме со Владислава. Таа смета дека од филмовите снимени во тогашната Југославија тој е единствениот кој се обиде да личи на странски филм…
– Имаше млади романтични, духовити и смели фотогенични луѓе. Секој во тоа време сакаше да биде таков. Но, сè пропадна, како што пропадна, па следната генерација ни кажа: „Блазе си ви како живеевте“, а ние воопшто така не живеевме, освен еден незначително мал процент луѓе. И сето тоа е бајка – смета Владислава.
Книгата „Дај, бабо, главу!“ беше вистински хит на Саемот на книги во Белград, кој се одржа минатата недела.
– На сите им советувам да си ја купат книгата, ако можат, да ја купат некому на подарок, за некој кој го сакаат, а кој си има такви интересирања. А, тогаш, кога луѓето забележуваат колку е скапа книгата, јас им советувам да ја украдат. Бидејќи не е срам човекот да украде нешто што навистина му треба и навистина што сака, под услов тоа што сака да не се пари или дијаманти. Мислам дека е рокенрол да се украде книга и дека тоа е добар фазон. Книгата добро се продава, без оглед што е скапа. Немам некои точни статистички податоци, не сум некој рачунџија, и тоа треба да го прашате Горан Тарлаќ. Тие сигурно знаат како книгата помина на Саемот… – раскажува Владислава.
Госпоѓата Војновиќ во моментов го завршува својот најнов роман. Ја паметиме по успешната приказна „Принцот од хартија“, која ја гледавме и на филм, како и по сценариото за популарната серија и филм „Козји уши“. Беше и ко-сценарист за филмот „Како ме украдоа Германците“.
– Нашата ќерка Милица во моментов мастерира режија и доколку пак се работи нешто на филмско платно, тоа ќе биде за да ѝ се помогне на неа. Публиката веќе ја има видено во улогата на внука на главниот лик во филмот „Козји уши“, а во филмот „Принцот од хартија“ ја толкуваше главната улога. Со сопругот, Милош Спасојевиќ, кој по професија е директор на фотографија и кој во оние стари времиња за „Случајот Хармс“ го доби „Штермберг“ во Берлин, имаме мала продуцентска куќа „Лукс филм“, и на секои 10 години работиме нешто, кога ќе успееме да се избориме за некакви средства – открива Владислава Војновиќ во разговорот за „Слободен печат“.