ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Игор Станоески: За уметникот нема подобро место за творење од Македонија
По повод неговата самостојна изложба „Кратка хронологија (Селектирани дела)“, која ќе се одржи на 30 декември во скопското „Бифе Тафталиџе“, мултимедијалниот уметник Игор Станоески – Иги Мен, гостуваше во студиото на „Слободен печат“.
Препорачано
Со Игор зборувавме за идејата и концептот зад изложбата, за процесот на селекција на делата и за уметничките циклуси што го одбележаа неговото творештво во последните шест години. Разговорот чепна и пошироки теми, како патот на уметникот, спојот на различни медиуми, искуствата од изложувањето надвор од земјава, но и реалните услови за творење и опстанок на уметниците кај нас.
– Критериумите, пред сè, се поврзани со физичкиот простор и со условите, односно со можностите што ги нуди просторот, а потоа и со самата идеја и селекцијата. Ако се работи на конкретна серија, постои извесно „растегнување“ на идејата. Особено кога се работи чесно, со многу скици и вистинско истражување, сакаш да провериш до каде можеш да ја развиеш во однос на опусните и изразните елементи: колоритот, бојата, големината, формите, референците од минатото сликарство и од други дела – колку тие треба да бидат присутни, како и колку од новата форма или концепција што си ја пронашол и сакаш да ја имплементираш. Така, мислам дека секоја изложба носи своја логика, во која се собираат сите тие фактори што одлучуваат како треба да се селектираат делата. Меѓутоа, за оваа конкретна изложба, гледав да следам еден ликовен пат и нешто специфично, бидејќи во овие шест години имаше повеќе серии и во еден период се „откостив“ од сликање – вели Игор.
Игор се обиде да ја прикаже реалната слика за уметникот и неговата улога во нашето општество, со доза оптимизам каде ја претстави уметноста како лична потреба, но и како постојана борба меѓу слободата на изразување и околностите под кои таа се создава.
– Вака, кога зборуваме за „надвор“, тоа е малку апстрактен поим, затоа што и самата Германија, на пример, каде што имав можност да изложувам, како и регионално тука на Балканот, има своја политика на ликовната култура и на пазарот. Таму постои пазар, бидејќи има поголем број на население, поголемо производство и повеќе капитал.
Да, постои и психологија – психологија на пазарот, која е присутна и во уметноста. Постојат пазарни и бизнис-правила, кои се потешкиот дел од работата и подразбираат презентација на трудот, вмрежување, создавање контакти, продажба, дистрибуција и слично, како и кај сите други професии. Тоа е работа што мора да се одработи.
И сега, некои правила што важат за Германија не важат за Франција или за Амстердам, а за Македонија уште помалку. Меѓутоа, во контекст на прашањето, јас чисто размислував каде е подобро да се развиваш.Мислам дека за развој и за истражување, токму тука можеш за релативно кратко време да направиш најголем напредок, повеќе отколку на кое било друго место. Затоа што, понекогаш, во недостатокот на услови и во непазарна средина, имаш повеќе простор за креативност и не мораш уште од 18 или 20 години да имаш фиксни трошоци и да работиш секој ден за да преживееш.
Тука се денгуби, се лежи, такво ни е поднебјето. И како уметник можеш да бидеш во една привилегирана ситуација, каде што најголемиот луксуз – времето и „губењето време“ – е евтино и достапно. Ако тоа го искористиш, можеш да направиш максимален форшпил за сопствен развој: со евтини материјали, со ниски трошоци за живот и слично, да произведуваш дела десет години – по 50, по 100 годишно – и по десет години да имаш 1.000 или 2.000 дела. Ако си добар, потоа можеш да најдеш менаџери и да го искористиш надворешниот пазар за продажба. Мислам дека надвор има повеќе пазар и дека е подобро за продажба, а за инвестиција во себе и за професионален развој, од Македонија, како сиромашна земја, тешко дека постои подобра позиција за уметникот. Во Македонија можеме да бидеме невработени, да одиме на кафе, да имаме викендици, а во исто време да бидеме сиромашни. И токму тука можеме да ја правиме уметноста, бидејќи во ваква средина се случува магија. Наспроти тоа, сè што е предвидливо не остава простор за отстапки – надвор тешко можеш да излезеш од строго утврдените правила и редот. А тука сè е во хаос, сè е флуидно, и токму тоа е „Мека и Медина“ за уметникот. Мислам дека тешко може да се најде подобро место за создавање, колку и да звучи ова неконвенционално – вели Игор.


