Горазд Чаповски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Горазд Чаповски - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Горазд Чаповски: Вештачката интелигенција помага, но на музиката ѝ треба душа

Во пресрет на ексклузивниот „Бест оф“ концерт на „Мизар“, што на 3 април ќе се одржи во Македонската филхармонија, разговаравме со Горазд Чаповски – гитарист, автор и креативен двигател на бендот, кој четири децении ја дефинира македонската алтернативна музичка сцена.

Во интервјуто, Чаповски открива што во моментот работат „Мизар“, секако и за подготовките на концертот, кој е замислен како внимателно селектирана ретроспектива на творештвото на „Мизар“, под мотото „Најдоброто од Македонија“, но и што публиката може да очекува од ова интимно но сепак жестоко музичко доживување. Ги спомнавме и гостите кои ќе се појават на сцената, хорот Хармосини, Тања Царовска и Тања Тас, уметници кои во различни периоди биле дел од звучната и естетската приказна на „Мизар“ и кои ќе му дадат дополнителна длабочина на овој концерт.

Говорејќи за музичкиот израз и автентичноста на бендот, Чаповски прави интересна паралела со светските музички влијанија и начинот на кој тие се трансформираат низ различни култури.

– Целта беше да бидеме автентични, еве исто како кога ќе ги слушаш „Лед Цепелин“, тие имаат влијание од англиски фолклор од 14-ти и 15-ти век, госпел, црковна музика искомбинирана со бука во рок-бенд. Тоа во нашиот бенд е македонски фолклор, госпел и Византија, тоа се нашите влијанија, само ги „прештекуваш“. Еве на пример и „Нирвана“ ако ги свириш акустично, тоа ќе биде фолк музика – вели Чаповски.

Тој се осврнува и на новата енергија што ја донела актуелната постава на бендот, нагласувајќи го квалитетот на новите членови кои придонеле за новата, млада публика која е секогаш присутна на нивните концерти.

– Имаме и многу нова публика, особено со оваа постава „крш“ правиме, од кога дојдоа Драган Теодосиев и Нико Георгиевски, каде и да свириме тоа е фрапантно. Имаме вокал, слободно можам да кажам како Фреди Меркјури, и заедно со тапанарот тие двајца се генијалци, за нив можам да кажам така, ние постарите не сме, но тие двајца морам да ги пофалам – вели Горазд.

Во разговорот, Чаповски зборува и за огромните технолошки промени низ кои поминала музиката, од аналогното снимање до денешната дигитална и ВИ ера, задржувајќи критички, но и носталгичен поглед кон минатото.

– Почнавме да свириме на радија во 1981 година, а денес правиме песни на мобилен телефон. Технологијата многу се промени. Не знам дали се погоди нашата генерација, но почнавме јас, Панта, Вртев и Икаљ буквално свиревме на радио. Јас свирев гитара, Вртев исто беше на микрофон во радио, а Панта свиреше на некои тапани „Амати“, не знам ни од каде ги најдовме. Така што, денес технолошките промени се огромни. Ние, всушност, користевме нешто слично на вештачка интелигенција уште во деведесеттите, кога почнавме со семплери. Тоа и е некаков вид вештачка интелигенција, „семплавме“ вокали, ги обработувавме и правевме што сакаме со нив. Се сеќавам кога го купив семплерот, Кирил Џајковски го имаше истиот и ми покажа како функционира. Го ставаш вокалот во семплерот и потоа можеш да правиш што сакаш со него. Ова го зборувам за 1993 година. Мислам дека тоа помага, но не треба да се злоупотребува. Сепак, во живо не можеш да свириш со семплер. Кога свиреле „Битлси“, или Елвис Присли во педесеттите, сè било со еден микрофон, а студијата биле четириканални, па сепак звучи пристојно. На пример, кога ќе пуштиш Арета Френклин, тој соул од педесеттите, звучи неверојатно, колку многу душа има во тоа, чудо едно. Кај нас се измешаа аналогното и дигиталното, и во главите ни се измешаа работите. Бевме навикнати на аналогно, па дојде дигиталното, а сега имаме и „супер-дигитално“ со вештачка интелигенција. Така што … многу работи ни се испомешаа – вели Чаповски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот