ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „Фанк шуи“: Тоа што сме тука нè инспирира и нè прави среќни

Фанк шуи/ Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Кога зборуваме за свежина и уникатен музички израз во македонската музика, секогаш непретенциозно и искрено се наметнуваат „Фанк шуи“, бендот кој сосема сигурно излегува од категоријата „нови“ и влегува во категоријата „сериозни“ музичари. Во Скопје од неодамна има нов културен центар, Лабораториум и токму таму, тие се вклопуваат со нивното концертно шоу, кое публиката ќе има можност да го види и почувствува на 26 април во 21 часот.

Секогаш расположени за разговор и овој пат во „Слободен печат“ зборувавме за некои теми кои им се важни и кои ги движат напред да создаваат нова музика, да останат тука, доследни на одговорноста да го споделат она што го носат во себе како музичари.

– Убавината е во тоа што порано веројатно одевме по максимите и парадигмите на максималистичката уметност и гледавме сè да биде „напукано“ или „наимано“, што би рекле нашите идоли од К15. Сега некако гледаме по сите аспекти и потенцијали да „намалиме“ и да „повлечеме“, за како што рече една друга музичка ѕвезда, песните да ни бидат појасни, поконцизни, поконкретни, попрости и поедноставно да ги кажуваме. Во новата музика што ја правиме во моментот, мислам дека ќе бидат многу по прости работите, ќе има по два акорди максимум – вели Лука за тоа каква е новата музика која ја создаваат во моментот.

По двата распродадени концерти минатата година во МКЦ, сега ќе ги чуеме и видиме во Лабораториум, новото место за кое како што самите велат се многу возбудени.

– Вистински сме возбудени, бидејќи има ново место во Скопје, минатите неколку концерт ни беа во МКЦ, а Лабораториум е ново место и ова ќе биде некој нов тип на концерт. Возбудени сме да доживееме нешто ново, особено со скопската публика. И новата музика која ја правиме е многу слободна и спонтана, така се случи и идејата за овој концерт – вели Михаил за концертот на 26 во Лабораториум.

Зборувавме и за една почувствителна тема, за тоа дали вреди да се борат младите луѓе да останат во Македонија и колку е тешко да се прескокнат сите препреки на патот до замислената точка.

– Музичари сме и тажно е да мислиме дека треба да бидеме ограничени на една територија, и негледам дека на некој начин сме прикотвени тука. Да, од тука доаѓаме, но тоа ништо не значи, музиката си ја свириме секаде и убаво е тоа што со нашата професија можеме да излеземе надвор. Од каде било и да доаѓаш, не треба да останеш само таму, туку треба да целиш и подалеку – вели Мартина.

– Не се знае дали е лудост или паметност одговорноста која би ја почувствувал млад човек да остане тука. Има сериозно многу работа, повеќе отколку што можеш да замислиш, на повеќе отколку што можеш да замислиш теми, во големи недостатоци сме и неблагодарно е да ги даваме плодовите на системи што веќе имаат доволно. Иако би било многу полесно, полефтерно ќе ми се чувствува духот ако отидам таму, затоа што ја нема болката што ја носиме сите тука цело време, нема притисок на главата, рамениците, колената и дишните патишта, особено кога ќе почнеме да се грееме на дрва – вели Лука.

– Си ја сакаме државата, градот … и си наоѓаме тоа што ни е убаво тука и тоа го правиме. Тоа што можеме да го експортираме на некој начин, тоа го правиме и тоа нè прави среќни и тоа што сме тука нè прави среќни и нè инспирира некако – со позитивна нота го заврши разговорот Михаил.

Целиот разговор со „Фанк шуи“ можете да го погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот