ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Трајкова: Во последните години има „епидемија на царски рез“

Слободен печат / Д-р Корнелија Трајкова - Гинеколог во Систина / Фото - Методи Здравев
Слободен печат / Д-р Корнелија Трајкова - Гинеколог во Систина / Фото - Методи Здравев

Може ли идната мајка да бира дали своето дете ќе го донесе на свет по природен пат или со царски рез? Колку и каква е улогата која тука ја има докторот гинеколог кој ја води бременоста? Може ли индиректно да го одреди датумот на кој ќе се роди нејзиното дете? Утрово на оваа, меѓутоа и на други теми кои ги засегаат идните мајки, во утринската емисија „Слободен печат“ зборуваме со гинекологот доктор Корнелија Трајкова од приватната болница „Аџибадем-Систина“.

Првиот и најсигурен знак за бременост е изостанок на менструација, вели докторката, но ова важи само за жени коишто имаат редовен менструален циклус.

– Меѓутоа, има пациентки коишто немаат редовни менструални циклуси, тука настанува малку забуна околу потврдување на бременоста. Прво и наједноставно, треба да направи тест за бременост, што го има во сите аптеки. Потоа истото треба да се потврди со гинеколошки преглед и тест за бременост којшто се прави со едноставно земање на крв од жената – вели Трајкова.

Следен е ултразвучен преглед кој се препорачува да се направи во првата или втората недела откако ќе се утврди дека нема циклус. Бременоста трае 40 гестациски недели или 10 лунарни месеци, по што следи породување.

-Бременоста е поделена во 3 триместри и точно се знае кои прегледи треба да се прават. Кај нас постојат водичи, коишто ние ги почитуваме и правиме прегледи кај бремените жени врз основа на тие упатства. Вообичаено се препорачува кај жени со прва бременост да се направат 10 прегледи, а кај повеќеродки, односно втора, трета, четврта бременост и понатаму, се смета дека се доволни 7 прегледи. Меѓутоа, секој преглед има различна содржина. Не значи дека сите тие 10 прегледи треба да бидат ултразвучни прегледи или треба да се прават лабораториски анализи – вели Трајкова.

Таа вели дека точно се знае во кој период од бременост, односно на кој преглед, што сè треба да се опфати.

– Интересен е фактот дека еден од поважните прегледи е и првиот контакт со здравствениот работник на пациентката при констатирање на бременост, кога треба детално да се објаснат некои работи на жената околу текот на бременоста, околу тоа што треба да очекува, кои прегледи да ги прави и многу е важно да ја објасниме целта на секој преглед. Жената, ако не сака да го направи, може да одбие, да потпише дека не сака да прави преглед – вели Трајкова.

Докторката вели дека во последните 20 години сè повеќе се судираме со една состојба, таканаречена „епидемија на царски рез“.

– Во голем процент, зголемувањето на процентот на царскиот рез се должи и на неспремност на родилките, на жените, и како резултат на тоа тие бараат царски рез. Најголем дел сметат дека тоа е полесно. Меѓутоа, во голем процент причините се и во напреднатата возраст на мајките, има сè повеќе комплицирани, високоризични бремености, резултат на биопотпомогнатно оплодување, на парови кои долги години се мачеле, не можеле да се остварат како родители – вели Трајкова.

Таа објаснува дека има случаи кога се работи за нормална бременост, а жената инсистира на царски рез. Во тој случај гинеколозите се должни да ја советуваат, да ѝ објаснат кои се предностите на спонтано породување, кои се негативности на царски рез. Ако жената и понатаму инсистира на царски рез, гинекологот треба да ја препрати кај психолог или кај психијатар на советување.

– Ако и тоа нема успех и жената и понатаму е убедена дека треба да се породи со царски рез и повторно се враќа кај гинекологот, тој може да прифати или да ја препрати кај друг колега гинеколог кој може да направи царски рез. Жените не треба да се плашат од вагинално, спонтано или природно породување, народски кажано, треба да бидат психички спремни и во бременоста, дека тоа е еден многу убав период за нив, треба да уживаат во бременоста колку што е тоа можно, и да не се плашат од спонтано породување, доколку нема причина да биде раѓањето со царски рез. Од друга страна доколку треба да биде со царски рез, и од тоа не треба да се плашат, затоа што и тоа е пак еден избор којшто овозможува добивање на здраво бебе од здрава мајка – вели Трајкова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот