ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Симоновска: Ако имате стомачен вирус внесувајте течности за да не завршите на хемодијализа
Колку се важни превентивните прегледи кај мажи и жени, на која возраст треба да почне да се прават, колку од луѓето којшто направиле превентивни прегледи си го спасиле животот? Што опфаќаат тие кај мажите, а што кај жените и колку време траат? На ова тема разговараме со доктор Даниела Симоновска, специјалист-нефролог од приватната болница Аџибадем Систина.
Препорачано
Таа вели дека превентивните прегледи треба да се прават на една година и се многу важни заради тоа што ние на тој начин спречуваме да се случат некои посериозни болести. Често доколку со нив се открие нешто сомнително, пациентот го упатуваат понатаму на дополнителни прегледи. Докторката вели дека во текот на летото треба многу внимание доколку имаме стомачен вирус или труења со храна, бидејќи поради недоволен внес на течности може да дојде до откажување на бубрезите.

– Сметам дека после 30-годишна возраст веќе би требало да почнеме со тие редовни „чек-ап“ прегледи. Тие се препорачуваат за пациенти кои немаат симптоми, коишто се чувствуваат здраво, меѓутоа сакаат да се проверат за да видат дали е сè во ред со нив. Ако имаат некаков симптом, тогаш би требало да се јават кај специјалист. Содржат сè што е најпотребно како преглед за мажи и за жени – вели Симоновска.
Таа објаснува дека резултатите се добиваат истиот ден, освен за цитогенезата. Потоа врз основа на резултатите таа и нејзините колеги даваат упатства за понатаму доколку има потреба. Ако сè е во ред со пациентот, тогаш следниот превентивен преглед е следна година.
-Ние сме на најниско ниво на здравствена култура. Луѓето сметаат дека ако немаат никакви симптоми, не треба да направат никаква лабораториска анализа ниту некаков преглед, меѓутоа тоа е сосема погрешно, бидејќи во светот е познато дека превенцијата е број 1. Со превентивните прегледи спасуваме живот и мислам дека помагаме за да имаме поздрава популација – вели Симоновска.
Во текот на летото се појавуваат многу стомачни вируси и труења со храна. Докторката вели дека најризични се децата и возрасната популација.
– Тоа кај оваа возрасна група може да биде многу сериозно. Заради дехидрираност, заради недоволен внес на течности, се јавува оштетување на бубрезите. Ако нема доволно течности пациентот мора да оди на хемодијализа. Ни треба време додека да закрепнат бубрезите, да почнат да функционираат како што треба. Заради тоа, препораката во овие летни периоди е да се внесува доволна количина на течности и електролити, посебно кај оваа група пациенти. Ако пациентот не може да внесува течности преку уста, се препорачува да прима некаква инфузија, значи да се надомести течноста, заради тоа што последиците некогаш можат да бидат многу сериозни – вели Симоновска.

За разликата во симптомите меѓу стомачен вирус и труење со храна вели дека најважна е анамнезата.
-Што добиваме при вирусна инфекција? Некој во семејството сигурно имал претходна инфекција, нема внес на сомнителна храна, зборувам јадење во ресторани, надвор од дома, значи храна којашто е свежо подготвена дома, а додека кај интоксикација со храна, секогаш се работи за некоја храна којашто е внесена од надвор, сакам да кажам во ресторан, во некој фаст фуд. Тогаш скоро секогаш станува збор за интоксикација со храна – вели Симоновска.
Таа не препорачува и капење по јавни базени, посебно во хотелски комплекси поради опасноста од појава на уринарни инфекции.
– Најважно е да не се занемарат првите симптоми на појава на уринарна инфекција. Како зачестено мокрење, печење, болка. Значи, јас не го препорачувам бањањето во базени, џакузи или затворен систем. Никаде каде што има застоена вода. Капењето во море или езеро е поздраво – вели докторката.
За лековите кои треба да ги имаме со нас на одмор вели дека освен секојдневната терапија, кај хроничните пациенти треба да се носи задолжително пробиотик.
– Да внесуваат доволно течности, да внимаваат што јадат, посебно некоја сомнителна храна од некое место којашто не е проверена, не препорачувам да консумираат. Повеќе да биде тоа храна дома подготвена, свежа, да внимаваат овошјето и зеленчукот да бидат добро измени – вели докторката.


