Даниела Поповска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Даниела Поповска - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ: Д-р Попоска: За 20 години секој втор човек ќе боледува од некој тип на рак

Светската статистика вели дека секој трет човек на планетава боледува од канцер. Според истата статистика, до 2050 година, секој втор човек ќе има некакво малигно заболување. Околу превенцијата за канцер, неговото лекување, околу тоа колку луѓе се заболени и од кој тип на рак зборуваме со доктор Даниела Попоска, онколог од приватната болница „Аџибадем Систина“. Таа вели дека иако Македонија не го следи светот со технолошкиот и медицинскиот развој, но и со лековите коишто ни се достапни, по број на заболени сме идентични со светот.

– Стапката на заболени од канцер расте во сите земји. Многу дискусии се водат околу тоа кои се причините. Возрасните граници се намалуваат во однос на дијагнозата кај одредени типови на канцер. Сè она што сме го учеле ние кога сме биле студенти за типичното појавување на рак на дојка на 60 години, рак на простата на над 60 или 70 години, рак на дебело црево на 60 години, тоа денес се намалува. Односно, возрасната граница се намалува. Почести се малигните заболувања кај помладата популација – вели Попоска.

Таа објаснува дека земјите коишто се со низок или среден економски развој како што е Македонија, следат тренд на зголемена смртност од малигни заболувања заради недоволно достапна терапија, недоволно достапни услови, недоволно достапни методи, немање на доволно персонал за третирање на пациентите.

– Ова е реалност, не треба да го стигматизираме малигното заболување, треба да сме свесни, да сме правилно информирани и да можеме правилно да одлучиме. Во таа насока е и утрешниот Светски ден за борба против канцер. Мора да се зголеми информираноста, превенцијата, односно скринингот затоа што тука ние можеме најмногу да делуваме и да спасиме најмногу животи – вели докторката.

Објаснува дека кај сите малигни заболувања постојат некои општи симптоми кои секогаш не можеме да ги поврземе со рак. Меѓутоа, ако траат долго, ако се повторуваат, и ако си го следиме телото, особено ако имаме некаква фамилијарна анамнеза, треба да направиме превентивен преглед.

Вели дека генетските фактори само 10% влијаат во однос на развивање на канцер и секој што има генетски предиспозиции не значи дека ќе се разболи од канцер.

– Малигните заболувања можат да се јават кај секој од нас. Секому може да му се случи да заболи, но битно е дека можеме да се справиме со болеста. Намалена е возрасната граница, се случува да дојде 20, 25-годишен пациент со канцер на дебелото црево. Овие пациенти се пропуштени во системот бидејќи лекарите мислат дека на 20 години не може да ти се случи канцер на дебелото црево. Може, и тоа се случува – вели Попоска

Таа вели дека сè е сменето, возраста е спуштена, има пациенти со рак на 20 до 30 години, на 33 години има пациенти со канцер на ректум.

-Кога почнав да влегувам во водите на онкологијата пред повеќе од 17 години и работев на Клиника за онкологија, бројот на новодијагностицирани во текот на една година беше околу 3.000. Сега има најмалку 5.000 новозаболени годишно. Од сите вкупно доминираат најмногу со канцер на дојка со околу 1.200 до 1.500 новодијагностицирани случаи. Потоа следуваат пациенти со канцер на бели дробови, колоректален карцином и простата. Тие се оние коишто се најчестите и најголеми бројки – вели Попоска.

Докторката со порака до сите дека секој човек може да биде пациент, секој треба да си ги следи симптомите, да не се плаши од дијагнозата, не треба да се стигматизира канцерот.

– Во денешно време има многу современи начини на пристап на лекување и многу од пациентите живеат нормален, квалитетен и долг живеат. Многу од малигните заболување се целосно излечиви и сето тоа зависи од стадиумот кога се детектирани. За да бидат детектирани во реален стадиум и за да зборуваме за излекување, треба да одат на превентивни прегледи. Секоја жена на 40 години да оди на мамографија. Секој човек на 45 години треба да направи колоноскопија. Мажите над 50 години да направат ПСА, маркер за простата. Пушачите би требало да прават почести прегледи – вели Попоска, бидејќи, како што вели, карциномот се лекува.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот