Др - Софија Пејкова и Др - Стефан Арсенков - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Д-р Стефан Арсенков и д-р Софија Пејкова / Фото: Слободен печат / Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Пејкова и д-р Арсенков: Пациент со имплант доби нов нос, откако неговиот го изгубил поради канцер

За првпат во Македонија и регионот минатиот месец се изведе процедура на изработка и трансплантација на 3Д-модел кој потоа беше вграден кај пациент. Благодарение на оваа постапка пациентот доби нов нос, откако неговиот го изгубил како последица на канцер и му бил ампутиран. За идејата, но и за самата постапка од планирање до реализација зборуваме со доктор Софија Пејкова од Клиниката за пластична хирургија и доктор Стефан Арсенков од Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Доктор Пејкова вели дека станува збор за нејзин пациент, на кој таа морала да му го ампутира носот поради канцер.

Др - Софија Пејкова и Др - Стефан Арсен - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Др – Софија Пејкова / Фото Слободен печат – Методи Здравев

-Ние како пластични хирурзи се занимаваме со една професија којашто е многу креативна. По направената ампутација на носот, пациентот помина низ сите протоколи кои треба да се следат и немавме остаток од малигно ткиво. Сега следуваше следниот чекор. Пациентот требаше да добие нос. Станува збор за средовечен човек којшто е активен во нашето општество. Меѓутоа, можете да замислите како се чувствува со тој хендикеп да биде вклучен во секојдневниот живот – вели Пејкова.

Таа објаснува дека реконструктивната хирургија има палета на процедури со кои може да се направи реконструкција. Но предизвикот бил голем да се следат светските трендови. И тогаш е направен првиот контакт со доктор Арсенков кој со помош на 3Д технологија изработува импланти.

-Приказната започна кога се запознавме со професорката лично. Имавме желба да се направи нешто повеќе и да се направи соодветна реконструкција и да му се помогне на пациентот најмногу што може. Целиот процес почна пред околу 7-8 месеци, крај на октомври кога беа разгледани нашите технички можности. Пробувавме неколку варијанти, ги проучувавме фотографиите од претходно на пациентот. Имавме некаде околу 15-16 обиди се со цел да се добие форма на имплантот која е приближна на неговиот претходен изглед на носот – вели Арсенков.

Др - Софија Пејкова и Др - Стефан Арсен - Фото Слободен печат - Методи Здравев
 Др – Стефан Арсенков / Фото Слободен печат – Методи Здравев

Доктор Пејкова објаснува дека целиот процес бил долготраен. Иако имале можност да направат реконструкција со помош на делови од ребро или ’рскавица од уво, сепак решиле дека ова е најдоброто за пациентот.

-Го имавме моделот, меѓутоа никаде немаше објавени во светската и нашата литература како и што се работи. Во јануари имавме светска конференција на Американската асоцијација на реконструктивни микрохирурзи. Таму побарав мислење од проф. Самир Мардини, тоа е директор на универзитетската клиника во Рочестер и му кажав за нашиот концепт. Рече ова е навистина иновативно, јас го поддржувам, и побара постојано известување како оди процесот-вели Пејкова.

Арсенков објаснува дека имплантот е направен од полиметилметакрилат, кој е материјал којштосод десетици години се користи и во ортопедијата, го вградуваат кога ставаат протези, па така бил сигурен дека нема да биде отфрлен од страна на организмот.

-Предизвик беше тој материјал да се доведе во идеалната форма во којашто треба и тука доаѓа 3D печатењето. Испечативме калап којшто го искористивме, за да ја добиеме таа форма на имплантот и го направивме така да биде имплантот перфориран, како еден вид на мрежа, за да може да врасне во ткивото – вели Арсенков.

И тогаш започна последниот чекор во целата приказна. Првата цел им била да имаат форма и функција што задоволува, а тоа објаснуваат е еднакво на естетиката.

-Ние со Арсенков, го направивме, мислам првиот чекор во виртуелно хируршко планирање, што станува сега секојдневие во големите хируршки центри. Имавме тим зад нас, од Универзитетската клиника за пластична хирургија, тука беше специјалист, асистент, доктор Катерина Јовановска, доктор Стефанија Азманова-Младеновска, доктор Софија Тушева, Д-р Анда Касапи, доктор Муамет Мемети, доктор Немања Ранковиќ и доктор Глорија Ѓоргова – вели Пејкова.

Таа објаснува дека користеле кожа којашто е најслична по текстура, по боја на регионот каде што е носот, па така користеле резенки од челото на пациентот, бидејќи бојата на кожата, текстурата највеќе одговара. Самата операција траеле неколку часа. Секој од тимот имал своја задача, а на крај резултатот бил перфектен.

-Пациентот е презадоволен, на шега вели дека сега е поубав од претходно. Битно е дека одлично се чувствува и ќе функционира нормално. Го чувствува носот како свој, завршен е и периодот на рехабилитација и сега е дома-вели Пејкова.

Доктор Арсенков објаснува дека со 3Д технологијата може да се направи кој било дел од телото. Веќе се изработуваат импланти за ортопедија, се користи за изработка на дел од череп, во протетика може да се искористи. Докторите велат дека овде не застануваат, на ред е следен пациент за имплант кај кој се прави процена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот