Надица Божиновска Димова / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Божиновска Димова: Со неплодност се борат сѐ повеќе жени поради полицистични јајници

Што се полицистични јајници, какви симптоми развиваат жените, како се дијагностицираат и како се лекуваат? Статистиката вели дека околу 5 проценти од сите жени во светот имаат полицистични јајници, а 33 проценти од нив страдаат од прекумерна тежина. Дали проблемот со забременувањето може да се детектира токму во синдромот на полицистични јајници? Утрово на ова тема зборуваме со доктор Надица Божиновска – Димова, специјалист по ендокринологија од приватната болница „Аџибадем Систина“.

Докторката вели дека полицистичен оваријален синдром е еден комплексен хормонски дисбаланс кој е многу застапен. Ова што е најфрапантно е дека дури 70% од пациентките се недијагностицирани. Болеста носи хормонски дисбаланс во којшто телото најчесто излачува поголема количина на машки хормони, се јавуваат нередовни менструални циклуси, и на ехо можат да се видат мали цистички како грозд на самите јајници.

– Доколку се исполнат барем два од овие три критериуми, се смета дека се доволни за да се постави дијагноза кај некоја жена дека има полицистичен оваријален синдром. Тие влијаат практично на целиот аспект на животот на самата жена, како на репродуктивното здравје, така и на метаболното здравје и секако психолошки. Најчестите симптоми се голема влакнавост, акни по телото и по лицето, може да има мрсна коса и опаѓање на косата кое е многу специфично, околу залистоците што е вообичаено за машките кога почуваат да ќелават. Главен симптом секако се нередовните менструални циклуси. Можат да бидат од еднаш на 50 дена, до еднаш годишно – вели Димова.

Таа објаснува дека она што е многу важно, доколку некоја девојка има кој било од овие симптоми, треба да се направат сите испитувања.

Д-р Надица Божиновска Димова/ Фото: Драган Митрески

– Не е тоа нешто што само од себе ќе помине, не е нешто што треба да се занемари, туку треба да се доиспита. Затоа што ПЦЛС е главната водечка причина за неплодност кај девојките, затоа што самиот синдром означува нередовни овулации или во превод тешко забременување – вели докторката.

Таа вели дека голем проблем е и инсулинската резистенција, состојба во која телото станува нечувствително на инсулин и панкреасот е принуден да лачи значително поголеми количини на инсулин. Меѓу другото ги стимулира јајниците да лачат повеќе машки хормони. Објаснува дека етиологијата зошто се појавуваат полицистични јајници е сè уште една голема мистерија.

– Она што знаеме е дека статистички зачестено се јавува кај девојки коишто имаат членови во семејството со тип 2 дијабет и секако кај девојки коишто имале мајки со полицистични јајници- вели Димова.

Најчесто, првата презентација на состојбата е со почетокот на адолесценцијата. Меѓутоа, апсолутно може да се јави во која било возраст во репродуктивниот период на жената. Најчесто, првичната дијагноза ја поставуваат самите гинеколози.

Надица Божиновска Димова / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

-Лекувањето е комплексно бидејќи не се лекува со една таблета, меѓутоа, крајните резултати се одлични и ни даваат стимулација да работиме повеќе, затоа што пациентките на крајот го добиваат оно што го сакат, а тоа е детенце – вели докторката.

Најмладите пациентки кај кои се дијагностицирани полицистични јајници се на нивни дваесетти години. Ако на време се почне терапија и таа се практикува до крајот на нивната репродуктивна фаза, состојбата успешно се контролира. Доколку не се лекува има ризици, а првиот е кај девојки кои немаат редовни менструации, кај кои постои ризик од ендометријален канцер ако има циклус еднаш годишно бидејќи тоа е огромен ризик за матката. Вториот се ендокринолошките или метаболни проблеми.

-Девојките коишто имаат зголемена телесна тежина, коишто имаат инсулинска резистенција, имаат навистина ризик да развијат дијабет тип 2, да имаат замастен црн дроб и кардиоваскуларни болести. Исто така може да се појави покачен крвен притисок, срцева слабост и или покачен холестерол. Болеста е стигматизирана на некој начин и жената има проблем да си признае дека има никаков симптом и да се појави на лекар – вели докторката.

Советува дека доколку се појават проблеми обавезно да има консултации и со ендокринолог и со гинеколог.

– Одржувањето на здрава телесна тежина и редовната физичка активност, секако пропратени со здрава храна се незаменливи. Тука ја нагласувам физичката активност затоа што таа ја зголемува инсулинската сензитивност и му дава малку одмор на панкреасот – вели докторката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот