Рената Божинкочева - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Рената Божинкочева - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Божинкочева: ’Рбетот страда од теретани, седење и мобилни телефони, нема магично решение за болката

Деформитетите на ’рбетниот столб стануваат сè почест проблем кај македонските граѓани, а според официјални податоци, над 80 проценти од возрасната популација има одредени проблеми со долниот дел од ’рбетот.

Доктор Рената Божинкочева, специјалист по физикална медицина од приватната болница „Аџибадем Систина“ предупредува дека современиот начин на живот, долгото седење, користењето мобилни телефони и недоволната физичка активност се главните причини за сè почестите деформитети и хронични болки.

’Рбетот страда од секојдневните навики. Начинот на кој седиме, стануваме, работиме на компјутер или гледаме во мобилен телефон директно влијае врз мускулатурата и ’рбетниот столб – вели докторката.

Погледнете го видеоинтервјуто:

Според неа, проблемот најчесто започнува уште во детството, кога се јавуваат првите искривувања на ’рбетот, но симптомите се појавуваат дури по 40-тата година.

– Телото во младоста компензира и луѓето не чувствуваат болка. Но, со текот на годините, се јавуваат хронични болки, замор и ограничена подвижност – објаснува Божинкочева.

Таа посочува дека жените се почесто погодени од деформитетите на ’рбетот, а причините се поврзани со генетика, раст и развој, но и со секојдневните навики. Особено загрижува, како што вели, тоа што сè повеќе млади лица на возраст од 25 до 35 години бараат лекарска помош поради болки во грбот.

– Младите денес не толерираат болка и бараат брзо решение. Очекуваат магично стапче што веднаш ќе ја отстрани болката, а најголемиот проблем е што не сакаат редовно да вежбаат – вели докторката.

Таа додава дека голем дел од пациентите се под влијание на информации од социјалните мрежи и често доаѓаат со страв од движење или вежбање.

– Постојано читаат нешто на интернет и стануваат несигурни. Стравуваат дека ако се движат или вежбаат, ќе си наштетат уште повеќе – вели докторката.

Од друга страна, проблем има и кај лицата што претерано вежбаат.

– Имаме пациенти кои секој ден се во теретана, играат фудбал, планинарат и го преоптоваруваат телото. Големите тежини во теретаните се сериозен ризик за ’рбетот – предупредува таа.

Според неа, оптимално е физичка активност од околу 30 минути дневно или неколку пати неделно умерено вежбање.

Докторката нагласува дека кај возрасните пациенти деформитетите не можат целосно да се исправат, но со физикална терапија, кинезитерапија и редовни вежби може значително да се намалат болките и да се подобри квалитетот на животот.

– Не можеме да го исправиме ’рбетот кај возрасен човек, но можеме да ја намалиме болката, да ја подобриме подвижноста и пациентот полесно да функционира – вели таа.

Физикалните терапии најчесто траат од 10 до 15 дена и вклучуваат ласер, магнетотерапија, електротерапија и масажи. Но, клучот за подобрување, според неа, е секојдневното движење.

– Доволни се 10 до 15 минути дневно истегнување и лесни вежби дома за телото да функционира подобро и без аналгетици – објаснува Божинкочева.

Рената Божинкочева - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Др. Рената Божинкочева, гостинка во „Медицинско катче“ / Фото: Слободен печат /Методи Здравев

Таа предупредува и дека Македонија е меѓу земјите каде што масовно се користат лекови против болка.

– Не смее денот да ни почнува со аналгетик. Телото бара движење, а не само таблети – вели докторката.

Како најважен совет до граѓаните, физијатарката препорачува правилно држење на телото, умерена физичка активност и секојдневно истегнување на мускулатурата.

-Најважно е да не дозволиме ’рбетот постојано да биде во грч. Стресот, седењето и неактивноста го уништуваат телото повеќе отколку што мислиме – порачува Божинкочева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот