ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Алексовски: Родителите масовно прават иста грешка кај машките бебиња
Обрежувањето или циркумцизијата е една од најчестите хируршки интервенции кај машките деца, но околу неа и понатаму постојат бројни дилеми, стравови и погрешни совети. Кога е вистинското време за интервенција, дали секоја фимоза е проблем и што родителите никако не треба да прават? На овие прашања во емисијата „Медицинско катче“ одговори д-р Златко Алексовски, детски хирург од приватната болница „Аџибадем Систина“.
Препорачано
Докторот објаснува дека циркумцизијата претставува хируршко отстранување на препуциумот – кожичката на пенисот, со што се овозможува целосно оголување на глансот.
– Станува збор за рутинска и кратка процедура која трае околу 15 до 20 минути, а заедно со анестезијата вкупно околу 30 до 40 минути. Кај нас интервенцијата се изведува со анестезија за детето да не чувствува болка и да нема трауми – објасни д-р Алексовски.
Според него, кога станува збор за религиозно или културолошко обрежување, идеалниот период е околу првата година од животот. Но, кога интервенцијата е медицински индицирана, најчесто проблемот станува видлив по третата година.
Докторот предупредува дека многу родители уште од раѓање се советуваат насилно да ја повлекуваат кожичката кај бебињата, што според него е целосно погрешно.
– До тригодишна возраст физиолошката фимоза е нормална појава. Нема потреба од насилно отворање на кожичката ниту од посебни манипулации. Тоа може да предизвика микроповреди и подоцна создавање вистинска фимоза – вели тој.
Наместо агресивни обиди за „отворање“, советот е само редовна и нормална хигиена.
– Најдобар третман е вода и сапун. Нема потреба од специјални влажни марамчиња, особено оние што содржат алкохол или дезинфекциски средства – додава хирургот.
Медицинска потреба за циркумцизија постои кога кожичката не може да се повлече поради создаден фиброзен прстен, што предизвикува болка, инфекции и проблеми во нормалното функционирање.
– Таквата состојба најчесто се дијагностицира по третата година. Детето може да има инфекции, болки, печење или потешкотии при мокрење. Тогаш циркумцизијата станува медицински оправдана – објаснува Алексовски.
Тој посочува дека кај возрасните пациенти интервенцијата речиси секогаш е последица на сериозен медицински проблем.
– Кај возрасните најчесто станува збор за лузнести промени, инфекции, микротрауми или сексуално преносливи болести кои доведуваат до стеснување на кожичката – вели докторот.
Според д-р Алексовски, циркумцизијата денес најчесто се изведува како еднодневна хирургија. Детето се прима во болница во утринските часови, се подготвува за интервенцијата, а по операцијата останува под надзор само неколку часа.

– По будењето од анестезија детето се следи два до три часа и потоа си оди дома. Обично се прават уште една до две контроли и закрепнувањето оди брзо – објаснува тој.
Постоперативниот период најчесто поминува лесно.
– Болките се минимални, ретко има потреба од аналгетици. Најважна е хигиената. Веќе по три до пет дена децата функционираат сосема нормално – додава хирургот.
Иако интервенцијата се смета за безбедна, докторот потенцира дека како и кај секоја операција, постојат можни компликации.
– Може да се јави локална инфекција или минимално крвавење, но тоа се случува ретко и најчесто поминува без посериозни последици – вели тој.
Религиозните интервенции се стандардни, но расте бројот на оние што се прават без медицинска потреба – истакна Алексовски.
Тој додава дека кај тинејџерите и понатаму постои стигма и срам да се зборува за проблемите.
– Многу деца кријат дека имаат проблем сè додека состојбата не стане сериозна и не бара хируршка интервенција – предупредува докторот.
На крајот од разговорот, д-р Алексовски апелира родителите да не паничат и да не применуваат агресивни методи кај малите деца.
– Ова е рутинска интервенција која се изведува со години и е безбедна кога е правилно индицирана. Најважно е родителите да не прават насилно повлекување на кожичката и навреме да се консултираат со педијатар или детски хирург ако забележат проблем – порача тој.
Почитуван читателу,
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
-
Најново
-
Најчитано
-
18мин
-
1час
-
2час
-
2час
-
3час
-
1
-
2
-
3
-
4
-
5
Препорачано од оваа категорија
-
1
-
2
-
3
-
4
-
5


