ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ариф како Диџеј Ахмет: По филмот ги засакав овците
Ариф Јакуп од јуручкото село Али Коч, Радовишко, има 17 години, тренира фудбал и сака музика, но никогаш не се замислувал себеси како актер. Сè додека не се појавил режисерот Георги Унковски и неговата потрага по актер за главна улога во филмот „Диџеј Ахмет“, во училишта со турски паралелки, на која аудиција Ариф без размислување се пријавува и ја добива улогата.
Препорачано
Во ексклузивно интервју за „Слободен печат“, за првпат за македонски медиум на македонски јазик, го запознаваме извонредниот актер без искуство кој за кратко време со својот шарм и скромност стекна светска слава.
Разговорот го водевме преку Зум (ZOOM), Ариф по завршувањето на училишните обврски ни се вклучи со топло чајче.
– Никогаш не сум размислувал дека сакам да станам актер, впрочем не бев ни свесен дека знам да глумам. Сите деца се пријавуваа, се пријавив и јас. По неколку дена ми се јавија дека јас сум ја добил главната улога. Во тој момент не можам да ви опишам колку се израдував. И сега откако сè заврши можам да кажам дека сум пресреќен дека запознав толку прекрасни луѓе, одлична екипа на снимањето – вели Јакуп.
Диџеј Ахмет и Ариф се различни
Со оглед на тоа дека дејствието на филмот се одвива во родното место на Ариф, го прашавме колку се слични Диџеј Ахмет и Ариф, на што тој ни одговори дека само местото на живеење им е исто.
– И Диџеј Ахмет и Ариф се од Али Коч, друго немаат заедничко. Всушност Диџеј Ахмет не оди на училиште, а јас одам – низ смеа вели Ариф.

Ден-денес не знае зошто го одбрале него за улогата, на ова прашање рече дека одговор треба да побараме кај режисерот Унковски.
Овој филм комплетно му го менува животот, но и размислувањата.
– По снимањето на филмот, многу ги засакав овците. Претходно сум имал допирни точки со нив, дедо ми има стадо овци, ама никогаш не сум ги гледал така како што сега ги гледам. Сега знам со него да одам кога ги носи на пасење, многу поинтересно ми е да се дружам со нив – открива нашиот соговорник.
Со Ариф разговараме и за неговиот приватен живот, дознавме дека многу сака мотори и ни открива како е да се живее во јуручко село во денешницата, со нижење тутун и дружење со другарите. Преку видео снимено со телефон ни го прикажува и патот до училиште, а дознавме и кој му е омилен филм.
Разговорот со Ариф Јакуп можете да го погледнете на јутјуб каналот на „Слободен печат“.


