ВИДЕО+ФОТО: Планинскиот бисер Попова Шапка ги чека најавените инвестиции

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Попова Шапка со сите мани и предизвици и оваа година официјално ја стартуваше скијачката сезона. Работаат само ски лифтовите „Поток“, „Аеродром“ и жичницата „Свети Илија“, новиот шестосед и ски патеката Цери Пашина ќе бидат ставени во функција, кога на центарот ќе наврнат доволно количини на снег.

Како и изминативе неколку години, голем интерес за престој во центарот имаат странските туристи. Хотелиерите велат дека имаат резервации од туристи од западноевропските земји за наредните неколку месеци.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски
Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

„Како и секогаш ние сме подготвени за почеток на сезоната, се обидуваме да им пружиме добри услуги на туристите. Претежно ни доаѓаат гости од странство, со тоа придонесуваме да ја промовираме земјата. Сакам да се надоврзам, нас ни треба и копартнер, односно институциите кои се надлежни да преземат мерки и да ни се придружат и тие заедно со нас да го промовираат центарот. Нормално сега сите што се надлежни знаат што треба да преземат, но тие треба тоа во пракса да го реализираат, ја знаеме инфраструктрурата во каква состојба е. Ние засега не гледаме дека има инвестици во центарот, но пак останува тие што ветиле да објаснат до каде се инвестициите. За нас е најважно постоечката инфраструктура да работи, за да имаме успешна скијачка сезона“, вели Бесник Беќири менаџер на еден хотел на центарот.

На центарот затекнавме неколку домашни туристи. Велат дека Попова Шапка има што да понуди, но потребни се инвестиции во инфрастрктурата.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски
Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

„Центарот е одличен тоа што господ го дал, но некако недостасува со децении инфраструктура, пред се скијачка, но исто така потребни се паркинг места, особено за време на викендите се создаваат големи гужви и тука нема каде да паркираме“, вели еден турист.

„Доволна е природата која господ тука ја дал и човекот само малку да се погрижи, односно државата да инвестира во центарот, тогаш тој навистина ќе прерасне во вистински светски ски центар“, додава друг турист.

Од скијачкиот центар Попова Шапка велат дека голема предност е што скијачката сезона започнува пред новогодишните празници, ако послужи времето односно ако има нови врнежи од снег таа ќе бида една од најуспешните сезони, дополнуваат оттаму.За оваа сезона најавија поголема организација околу услугите за паркинг простор за туристите.

„Оваа година започнавме со работа порано, имајќи во предвид дека имавме снежни врнежи кои можеби не се доволни да ја продолжиме сезоната со континуитет. Ако продолжат врнежите ќе ги пуштиме сите ски лифтови и жичници, но ако во периодов што следи има мала снежна покривка тогаш ќе го запреме скијањето оти наш приоритет е безбедноста на скијачите. За оваа сезона имаме шател бас комбиња кои ќе ги пренесуваат скијачите до скијачкиот центар, ако со своите возила се паркираат подолу под центарот“, рече Адем Авзиу директор на скијачкиот центар Попова Шапка.

Инаку министерката за животна средина Каја Шукова при неодамнешната посета на Општина Тетово, изјави дека процесот кон конечен договор за капитални инвестици на Попова Шапка од страна на италијанската компанија Техно Алпин оди во добра насока.

„Се надевам дека се исполнети условите кои треба инвеститорот да ги обезбеди, за да може Владата и Собранието да го одобри сето тоа. Ова е процес и мора да помине подолго време. Се собираат мислења од ресорни министерства, треба да се видат повеќе аспекти, економскиот, еколошкиот, социјалниот, не е едноставно. Мислам дека е при крај и ќе се види дали инвеститорот ги исполнил условите и дали треба да се склучи договор за стратешка инвестиција која би поминала во Владата а потоа и Собранието. Од наша страна се исполнети условите„ изјави Министерката за животна средина Каја Шукова.

Во најавениот инвестициски план пишува дека италијанската компанија ќе инвестира на Попова Шапка во инсталација во вештачки снег, изградба на 600 нови паркинг места, две нови скијачки патеки, изградба на два хотела, како и две нови жичарници со шест и осум седишта.

Инвестициите требаше да започнат изминатава пролет, но моментално на терен нема никакви активности.

Попова Шапка се уште ги чека капиталните инвестици, Шукова уверува дека договорот со стратешкиот инвеститор е при крај

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот