Попова Шапка се уште ги чека капиталните инвестици, Шукова уверува дека договорот со стратешкиот инвеститор е при крај

попова шапка
Попова Шапка / Фото: МИА

Министерката за животна средина Каја Шукова при денешната посета на Општина Тетово, изјави дека процесот кон конечен договор за капитални инвестици на Попова Шапка од страна на италијанската компанија Техно Алпин оди во добра насока.

„Се надевам дека се исполнети условите кои треба инвеститорот да ги обезбеди, за да може Владата и Собранието да го одобри сето тоа. Ова е процес и мора да помине подолго време. Се собираат мислења од ресорни министерства, треба да се видат повеќе аспекти, економскиот, еколошкиот, социјалниот, не е едноставно. Мислам дека е при крај и ќе се види дали инвеститорот ги исполнил условите и дали треба да се склучи договор за стратешка инвестиција која би поминала во Владата а потоа и Собранието. Од наша страна се исполнети условите, но утре ќе имаме состанок по ова прашање и ќе се прецизираат деталите“, рече Министерката за животна средина Каја Шукова.

Со инвестиции приватната компанија Техно Алпин требаше да започне оваа година.Но, на терен се уште нема никакви активности. Во најавениот инвестициски план пишува дека оваа компанија ќе инвестира на Попова Шапка во инсталација во вештачки снег, изградба на 600 нови паркинг места, две нови скијачки патеки, изградба на два хотела, како и две нови жичарници со шест и осум седишта.

И додека се најавуваат инвестиции, Шара се уште се сардисува од нелегални градби и диви депонии. Од Националниот парк, велат дека заштитата е најважната компонента на шарскиот масив.

„Компонентата заштита е прв приоритет, но сега треба да се фокусираме и на развојната компонетна. Заштитата ни беше голем предизвик оти кој сакал изминативе години сечел дрва, фрлал разновиден отпад, се занимаваат луѓето се уште со ловокрадство и слично“, вели Ибрахим Дехари директор на национален парк Шар Планина.

Министерката Шукова вели дека во борбата со девијантните појави особено со дивите депонии на Шара, клучната улога треба да ја имаат локалните власти.

Фото: Слободен печат
Фото: Скриншот

„Да не создаваме диви депонии особено таму каде што имаме заштитени подрачја, за жал може да констатираме дека отпадот го правиме самите, никој не доаѓа од надвор да го создаде отпадот. Општините се тие кои треба да ги расчистат депониите, државата потроши средства и ги расчисти дивите депонии, а за неколку месеци повторно се создадоа, рече Министерката за животна средина Каја Шукова.

На Шарпланинскиот масив се забележуваат диви депонии во атарот на повеќето села оти дел од комуналните претпријатија во рамки на општините не го собираат редовно сметот од Националниот парк, а еколошката свест на граѓаните е се пониска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот