Видеодела на Давор Тоциновски ќе бидат презентирани во галеријата „Ко-Ра“
Во галеријата „Ко-Ра“ при Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје на 21 октомври, во 19:30 часот, ќе бидат презентирани три видеодела на авторот Давор Тоциновски на настан со наслов „Време за видеоарт“.
Препорачано
Авторот се претставува со три дела изведени во медиумот видеоарт. Проектот „Поистоветување со Сизиф“ се базира на медиумот перформанс кој е изведен на локацијата Ореов дол и самиот перформанс е видео документиран. Во документираниот перформанс се изведува ликовна акција која е мотивирана и покрената од темата „Митот за Сизиф“, па така авторот изведува идентични движења кои би асоцирале на Сизиф со тоа што на одреден рид тркала импровизиран камен и кога со каменот ќе дојде до врвот на ридот каменот почнува да се тркала надолу.
Така оваа акција со буткање на каменот до врвот и паѓањето на каменот на подножјето на ридот се повторува повеќепати, а самото мултиплицирање на таа претстава е применето за да се долови идентичната акција која е опишана во студијата „Митот за Сизиф“. Егзистенцијализмот е стожерна мисла во реставрираната ликовна акција со покажување на главните димензии на апсурдот и парадоксот на постоењето.
Во Делото „Компаративно борбено надмудрување“ авторот има за потреба да направи компарација помеѓу реалното биствување и дигиталното опстанување. Човековата суштина која е парадигма на реалното е оформена благодарение на еволутивниот стадиум на развој со моментална константа, додека дигиталниот приказ е алгоритамска креација која поддржува и во голема мера презентира скоро идентични цивилизациски (реални) акции надополнувајќи ги со футуристичка идна приказна која не е позната, а е само претпоставка на реалното. Авторската намера е да не прави деструкција ни на реалната, ни на компјутерската визуелизација, туку да ги користиме и двете структури коишто на крајот кулминираат како обединета естетска креација која дава приказ на тематско единство и кохерентно синтезиско надополнување.
Мотивацијата за делото „Идентификација со Фидипид“ потекнува од историската легенда за античкиот војник Филипид (Фидипид). Инспириран од таа тематска содржина авторот се пријавил да партиципира на „Скопскиот маратон“ кој содржи атлетска спортска дисциплина реконструирачки оформена од подвигот на Фидипид.
По пријавувањето на „Скопскиот маратон“ во дисциплината полумаратон, авторот почнал со личната естетско концептуална перформирачка акција. Следела негова четиримесечна подготовка со перманентно трчање и физичко вежбање. Благодарение на телесните активности кој ги обавувал, неговиот атлетски стадиум на развој и физички предиспозиции му овозможуваат, како поминувало времето, да истрча сѐ поголеми и подолги релации на самите тренинзи. Стожерната естетска презентација, перформирачка акција која е интерпретирана со самиот чин на партиципирање на полумаратонската трка, е изведена на 2 октомври 2022 година. Трката не успева да ја заврши, но истрчаните километри претставуваат настан кој му овозможил за момент да се идентификува со Фидипид.
Авторот се претставува со три видеоарта кој третираат сосема различна содржина и тематика, а тоа презентира и различна визуелна сликовност. Конкретните разлики во трите видеа се со намера да ги употреби како квалитет плус, кој ќе е показател на три развојни патишта на три посебни опуси кои како такви форми се надоградба едни врз други и формираат целина на авторска индивидуалност.
Видеоартот како медиум веќе подолг период е присутен на ликовната сцена и не спаѓа во нови средства за естетско изразување, па заради овие причини исказот презентиран преку овој медиум е прифатен од страна на публиката. Авторот ја експлоатира медиумската констелација на видеоартот за да прикаже приказна на мит и нарација на споредба на реалното и виртуелното.


