ВИДЕОАНКЕТА: Како реагираат граѓаните на најавата за нов антипушачки закон?
Нов, значително построг антипушачки закон е во подготовка и наскоро ќе биде ставен на јавна дебата. Со предложените измени, сите видови електронски цигари и вејпови се изедначуваат со обичните цигари, а државната политика кон пушењето и тутунските производи драстично се заострува.
Препорачано
Предвидени се и построги правила за сите затворени јавни институции. Токму поради овие најавени промени, „Слободен печат“ ги праша граѓаните што мислат за новиот антипушачки закон и дали се согласуваат со целосната забрана за пушење во јавни и затворени простории.
Што велат граѓаните?
Еден од анкетираните граѓани смета дека ваквата мерка претставува дискриминација.
– Не се согласувам. Ова е дискриминација за пушачите – вели тој.
На прашањето дали постои „војна“ меѓу пушачите и непушачите, тој додава дека решението треба да биде во поделба на просторот.
– Треба да има простор и за пушачи и за непушачи. Нема потреба од конфликти.
Друг граѓанин смета дека законот треба внимателно да се усогласи со угостителството.
– Немам конкретно мислење, но ова мора да се издиференцира со угостителството. На тој начин се прават големи загуби, а реално околу 40 отсто од луѓето се пушачи. Од друга страна, дел од граѓаните ја поддржуваат целосната забрана.
– Мислам дека пушењето во затворени простории треба да се забрани. Тој закон веќе постоеше, но не функционираше. Треба повторно да се воведе и да се спроведува – вели една анкетиранa граѓанка.
Таа посочува и на проблемот со спроведувањето на законот во минатото.
– Да, има луѓе што се против. Се нервираат, зависници се. Порано имаше инспекции, ама и инспекторите пушеа, па затоа ништо не функционираше.


