ВИДЕОАНКЕТА | Дали цените во кафулињата за новогодишната прослава се реални?
На 31 декември се заокружува поглавјето од една година. На овој ден се организираат голем број прослави за дочекот на Новата година, вклучувајќи дневни и вечерни забави во кафулињата. Но дали овој празник веќе излегува од контрола од финансиски аспект? Колку пари се спремни да дадат граѓаните, за убаво да си поминат на новогодишната вечер? „Слободен печат“ ги праша граѓаните каде ќе ја дочекаат Новата година и дали сметаат дека цените во кафулињата се реални?
Препорачано
На прашањето каде граѓаните ќе одат за Нова година, добивме најразлични одговори. Дел од граѓаните ќе ја дочекаат Новата година во скопските кафулиња, некои од нив во Маврово и Битола, а има и граѓани кои ќе прославуваат надвор од Македонија.
– Искрено, уште немаме одлучено, но мислам дека ќе одиме во странство, поточно во Словенија, со друштво – рече една студентка.
Според одговорите на испитаниците, мнозинството преферира да оди на вечерна забава наместо на дневна забава.
– Ќе одиме на вечерна забава, денската воопшто не ми се допаѓа – изјави еден од анкетираните.
Речиси сите се согласија за едно – дека цените во кафулињата за новогодишната прослава се нереално високи.
– Мислам дека сопствениците на кафулињата ја користат Нова година како прослава за уште повеќе да ги качат цените, бидејќи реално и сега се високи. Но мислам дека тогаш ќе биде ударно – одговори една млада девојка.


