ВИДЕО: За пет минути, три амбулантни возила донесоа пациенти во Градска болница

Хаваријата со компресорската станица на Клинички центар, поради која операционите сали не работат веќе 10 дена, предизвика во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ да има зголемен број на пациенти.

За само пет минути три амбулантни возила донесоа пациенти во болницата. Уште не е прегорен персоналот, ама се случува еден хирург да има по 4 операции дневно.

Гужви има и без оваа непријатна случка на Клинички центар, но овие последни 10 дена напливот на итните пациенти е удвоен. Дневно просечно има 250 пациенти што се прегледуваат во ургентната амбуланта.

Имајќи предвид дека во специјалистичките амбуланти дневно има од 100 до 150 пациенти, тоа значи дека овој период дневно во болницата гравитираат 400 пациенти дневно.

Заради ситуацијата на Клинички центар ние се организиравме на начин што хроничните пациенти не ги примаме за операција. Оперираме само итни случаи, изјави директорот на болницата доктор Љубен Арсенков.

Тој додава дека изминатите 10 дена се примени 170 пациенти кои се оперирани.

– Зголемен е бројот, зголемен е обемот на работа на персоналот. Се организираме без поголеми реперкусии на третманот. Персоналот одговара на потребите, доаѓаат од дома.

Ги пуштаме дома тие пациенти кои можеме, оние пациенти кои после хируршката интервенција би лежеле подолго, ги закажуваме на контроли за да ослободиме кревети за итните пациенти.

Не знам до кога ова ќе биде вака но се организираме и со колегите од Клинички центар и од ГОБ „8 Септември“ да бидеме координирани за пациентите да не лутаат со брза помош од една до друга утанова. Се слушаме со колегите пред да го упатат пациентот, за тоа дали има место. Тоа функционира.

Ако ова вака продолжи може да дојде до исполнување на капацитетите и ќе треба да се активираат матичните хируршки установи, наместо да праќаат пациенти овде, додаде директорот Арсенков.

Секој ден во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ има двајца абдоминалци, трауматолози, неврохирург.

– Имаме доволно хирурзи. Хирурзи не ни требаат зашто бројот на кревети е тој. Салите се тие.

Ако се предвиди дека подолг период не би работеле салите на Клинички центар, инструментарките и останатиот помошен персонал во салите би требало да се прераспредели или овде во ГОБ „8 Септември“.

Треба да се размислува и да се разговара на таа тема, додаде Арсенков.

Хируршките сали во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ ќе останат затворени додека не дојдат резултати од примероците од компресорите кои се пратени во Германија. Оттаму се шири смрдеа па хируршките сали се затворени една недела, а изворот не е познат.

Министерот за здравство Илир Демири не знае кога ќе дојдат резултатите од Германија, а одговорност нема да понесе никој ни во заедничките служби под владата, одговорни за компресорската станица.

Директорот на ГОБ „8 Септември“, доктор Христијан Костов за „Слободен печат“ вели дека фреквенцијата во ургентниот центар особено за хируршките случаи е зголемена за 50 проценти.

Особено згоилемен е бројот на трауматолошките повреди, скршеници, убодни рани, сите се носат кај нас. Капацитетите на двете хируршки одделенија е речиси полн.

Во првото од  32 кревети сите се зафатени. Во второто хируршко одделение од 30 кревети 22 се зафатени. Одделот за уролошка хирургија е пополнет со лежечки пациенти и тоа целосно, бидејќи Клиника за урологија не оперира. Тука се снаоѓаме, ставаме плус кревети.

Инаку, се обрнува повеќе внимание на итните пациенти, се што е хронично се оперира ама со одложување, изјави за „Слободен печат“ директорот на ГОБ „8 Септември“ доктор Христијан Костов.

Тој додаде дека во болницата недостасуваат средномедицински персонал и болничари.

Ако потрае ова ќе мора да ми дадат персонал од Клинички или да затворам еден од интернистичките оддели, додаде доктор Костов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот