ВИДЕО: Во шумскиот пожар на Шара изгореа над 170 хектари шуми и пасишта, ренџерите гаселе на стрмен терен со лопати и метли

Пожар на Шара/Фото: НП Шар Планина

Вистинска драма на Шарпланинското подрачје кое вчера беше зафатено од пожар над село Вешала. Ренџерите час и половина пеш се движеле низ стрмен терен, за да стигнат до огнот оти се работело за непристапен терен.

Биле мобилизирани десет вработени од Јавната установа Национален парк Шар Планина.

Пожарот бил локализиран рачно со лопатии и метли, но штетата што ја оставил зад себе е огромна. Изгореле 170 хектари шума и пасишта.

„Во овој пожар изгореа 170 хектари, од кое под државна шума околу 20 хектари, зафатена со приземен пожар на 30 % од површината, околу 70 хектари приватно земјоделско земјиште и мали парцели под приватни шуми, а остатокот е високопланинско пасиште, сопственост на РСМ. При итервенцијата забележавме волк, дива свиња и еребица камењарка како бегаат од огнот и мечка која исплашено се криеше во пештерата“, соопштија од НП Шар Планина.

Од Установата велат дека имаат годишна програма за заштита и превенција од пожари и работи по истата веќе втора година. Но оттаму додаваат дека недостасуваат плановите за управување со шумите и вегетациска карта за целото подрачје.

Пожар на Шара/Фото: НП Шар Планина

„Шар Планина е на северната граница на државата додека карактеристично е што голем дел од падините се стрмни и со јужна експозиција, а тоа ги прави многу суви. Со миграцијата село град, дополнително, обработливите површини околу селата се најчесто напуштени и обраснати со лесно горлив материјал. Статистиките низ годините покажуваат дека критичните периоди за пожари на Шар Планина се пролет и есен. Во летниот период ние како установа не воведовме забрана за движење во шума поради многубројното население во паркот кое има потреба да се движи до своите имоти, а самата планина има преку 80 влезови и излези што значи дека тешко е да се воспостави таа контрола. Управата на паркот го гледа спасот во соработката со локалното население и посетителите но преку континуирана едукација“, велат од НП Шар Планина.

Минатата година од НП Шар Планина евидентирале 12 пожари. Од почетокот на оваа година до сега се изброени 10 пожари.

„Овие бројќи укажуваат на два проблема, и тоа промената на климата, но и однесувањето на луѓето. Пожари имало и ќе има, но во променети временски услови треба да ги адаптираме практиките на живеење. Пролетното и есенското чистење на отпадоците и палењето на пасиштата во услови на сува вегетација поради благите зими и намалени количества врнежи имаат катастрофални последици и за луѓето и за природата. Цената по човечкиот живот и загубата на природата и биодиверзитетот немаат вредност. Во вчерашниот пожар жителите на Вешала изгубија вредни приватни имоти, прекрасна букова шума, поподложни се на поројни поплави и ерозивни процеси, изгубија и вредни собиралишта на смреки и боровинки.Се разбира постојат и казни, но ваквите кривични дела се многу тешки за докажување.Затоа во иднина ќе ги засилиме контролите на движење и ќе се насочиме кон превенцијата преку едукација и информирање на населението“, соопштија од НП Шар Планина.

Во 99% од случаите причина за пожарите е човечкиот фактор, во многу ретки случаи се самоизгаснуваат, а во ниту еден случај не се гаснат од канцеларија, дополнуваат од установата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот