ВИДЕО | Владимир Симеонов: Рачно изработените хај-фај засилувачи го доловуваат природниот звук на инструментите

Владимир Симеонов - електроинжинер / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Засилувачите на звук со застарена технологија иако тешки и гломазни, повторно се многу барани од едноставна причина – звучат подобро.

Меѓу музичарите и организаторите на концерти, добро познато е името Владимир Симеонов. Тој е електроинженер од Скопје кој повеќе од три децении  изработува и поправа гитарски засилувачи и останата електронска опрема за музичари (предзасилувачи, гитарски ефекти, напојувања за педали и слично). Неговиот бренд  ВЛАД се угаси во 2013 година, под налетот на евтина кинеска музичка опрема, но Симеонов потоа почна да изработува лампашки хај – фај засилувачи, бидејќи кај нас понудата од светски брендови е мала, а цените енормно високи.   Продадени се околу 120 гитарски и бас засилувачи, најмногу во Македонија, Србија и Косово, кои и ден денес се свират по клубови, вежбални и концерти.

-Идејата беше, за оние што сакаат да добијат поквалитетен звук од просечните буџет засилувачи од најчесто користените брендови како Маранц, Пионир, Техникс, Ротел, Харман Кардон и слични, да се отиде ниво погоре во надградба на домашниот аудио систем. Целта на хај фај аудиото е што поверно да ги пренесе звуците на инструментите и вокалите. За тоа ми помогна долгогодишната работа на концерти како техничар за бинска опрема (преку 80 концерти и фестивали, меѓу кои 11 Скопски џез фестивали) каде што на тонските проби сум ги слушал неозвучени најдобрите џез и рок музичари што настапувале во Македонија. И кога се слушаат од непосредна близина, неозвучени, најквалитетните музички инструменти што човекот ги направил, свирени од најголемите мајстори на занаетот, тогаш знаете како треба тој инструмент да звучи на добар хај-фај систем, вели Симеонов во гостувањето во „Утрински печат“.

Дел од засилувачите на звук кои ги прави Симеонов

Неговиот нов бренд Пресидент Аудио може да се пофали со 6 модели засилувачи (излезни и интегрирани) и 3 модели фоно и линиски предзасилувачи. Сите се рачна изработка со техника поинт ту поинт- (без користење печатени плочки) заради повисок квалитет и безбедност, бидејки се користи напон и до 500 волти. Продадени се над 40 парчиња кај нас но и во Соединетите Држави и Турција. Тие нудат верна репродукција на звукот на инстурментите, а имаат и уникатен изглед и не се наменети за музичарите, туку за домашните хај-фај уреди.

-Електронските цевки, конструирани на почетокот од дваесеттиот век, се првите елементи кои вршат засилување на електрични сигнали. Во шеесетите години диодата и транзисторот, направени од полупроводнички материјали (најчесто силициум и германиум) полека ги истиснуваат електронските цевки од употреба. Тие се физички многу помали, поевтини за изработка, трошат многу помалку енергија при работа и имаат подолг век на траење. Од тие причини до крајот на седумдесетите скоро сите електронски уреди користат полупроводници, а електронските цевки престануваат да се произведуваат и полека одат во историјата. Во овој век електронските цевки имаат многу ограничена примена, најчесто во специфични апарати во медицината, воената индустија, а нивната примена и ден денес најмногу е застапена кај гитарските и хајфај засилувачи. Дури 9 од 10 најкористени професионални гитарски засилувачи на концерти се направени со цевна технологија.  Голем дел од студиската опрема за снимање на звук исто така користи електронските цевки (микрофонски предзасилувачи, компресори и сл.), ја објаснува Симеонов историјата на оваа технологија која тој ја користи за изработка на хајфај системи.

Со оглед на тоа што винилот повторно се враќа во мода и љубителите на плочи сакаат да слушаат оригинален звук, токму појачалата на Симеонов се вистински избор за ретро „сладокусците“.

-Лампашките засилувачи ги нагласуваат парните хармоници од фреквенциите на аудио сигналот, а транзисторските –непарните хармоници. Парните хармоници звучат поубаво за човековото уво. Тие што го паметат звукот на старите дрвени радија знаат за што зборувам. Удел има и психоакустиката. Инструментите што ги слушаме со засилувач и звучници  преку ушите се претвораат во сигнали кои се пренесуваат до мозокот кој треба да препознае тон со иста фреквенција од кој инструмент е отсвирен. Докажано е дека со користење на лампашки засилувач, мозокот со помалку напор препознава кој инструмент е во прашање. Затоа при повеќечасовно внимателно слушање на неквалитетен засилувач доаѓа до замор и се губи желбата за понатамошно слушање музика, вели Симеонов.

Промоцијата и презентацијата на аудио опремата која рачно ја изработува Симеонов е закажана за среда, 7 декември во Културно информативниот центар во Скопје во 20 часот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот