Васко Серафимов - музичар / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

ВИДЕО | Васко Серафимов, музичар: „Космика“ е сериозно студиозно дело правено врз база на 40-годишно искуство

Васко Серафимов е самоук уметник, кој во својот професионален живот се насочува кон испреплетување на повеќе уметнички изрази во едно дело. Автор, музичар, изведувач чии дела се своевиден уметнички перформанс во вид на мизички пејсаж. Со Серафимов во „Утрински печат“ зборувавме за неговата нова плоча „Космика“, за неговиот уметнички израз и воопшто за улогата на уметникот во нашето општество.

„Иницијацијата за насловот на новата плоча ‘Космика’ е приватна сторија од моите родители за една убава љубовна врска. Татко ми секогаш имаше обичај да каже дека жената е посебен космос, дека сме ние два различни светови, што во суштина е природно и точно и во тоа е убавината. Гледајќи од аспект на космосот, кој е машки род, јас си дадов за право плочата да ја именувам „Космика“, во женски род. Музичкиот дел, пак, е едно сериозно студиозно дело правено врз база на 40-годишно искуство, односно една пресирана форма во 42 минути музика во винилен формат, што не е помодарство туку актуелност со патот по кој што оди светот. Посветени 4- 5 години несвесност дека еден ден ќе излезе албумот, ја имав слободата да можам на некој начин да се опуштам со моите соработници и да влезам во креативна комуникација“, вели Васко за инспирацијата и процесот на создавање на албумот „Космика“.

На плочата Васко соработува со повеќе наши познати уметници кои даваат свој печат на неговото авторско дело, процес кој тој го опишува како слободен и спонтан.

„Комуникацијата со сите соработници на албумот беше максимално слободна, тоа беше размена на датотеки, во форма на далечина, а сепак сме толку близу. Некои од авторите со кои соработував се Зоран Казаков на флигелхорна и труба, вокалот е на Добрила Грашеска, наратор Владимир Змбов, мојот брат Венко Серафимов, гитара, Мичо Божиков, Влатко Стефановски, Момчило Бајагиќ, Слободан Коњовиќ, Синоличка Трпкова и Стеван Чепишевски. Кокан Димушевски го правеше конечниот винил мастеринг во однос на печатење на самиот албум, Натали Николовска дизајнот на омотот, а дигиталните цртежи се мои. Тихомир Јанчовски е присутен со своја песна и секако, делата на Блаже Конески“, вели Васко за своите соработници на албумот.

Васко вели дека винилот како форма е во подем не само во светот туку и кај нас, а од оваа плоча има само 200 примероци коишто веќе имаат свој пат, односно 80-90 се веќе влезени во нечии домови. И во овој албум тој прави спој помеѓу музиката и поезијата употребувајќи дел од стиховите на Блаже Конески.

„Блаже Конески го одбрав по игра на случајност, без некоја специјална намера. Јас почнав да си ‘играм’ со Славко Јаневски, а Блаже Конески веројатно е инспирација пренесена од татко ми, како негова голема љубов. Тој е нашиот најголем лингвист, татко на современиот македонски јазик, кој ја има таа племенита нитка, која успокојува и восхитува. Меѓу нашите доајени, драматурзи и писатели, тој е стожер на македонската култура“, објаснува Васко за влијанието на Блаже Конески врз неговото музичко творештво.

Повеќе од разговорот со Васко Серафимов можете да погледнете во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот