ВИДЕО | Туфегџиќ: Доктор Симонида Црвенкова им го продолжи животот на пациентите двојно, а „ерлотиниб“ не е биолошки лек
Во Кривичниот суд Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Онкологија 1“. Пред рочиштето адвокатот на второобвинетата докторка од Клиниката за онкологија Симонида Црвенкова, Владимир Туфегџиќ, во изјава за медиумите зборуваше дека очекува целосна дискредитација на обвинението против докторката затоа што словенечкото вештачење според него е направено врз основа на селективна и нецелосна документација, каде не биле земени предвид претходните болести на пациентите, лекувањето во други клиники како ни македонските протоколи за лекување рак.
Препорачано
-На денешната расправа јас очекувам целосна дискредитација на обвинението бидејќи се докажа дека стручниот наод и мислење е направен врз основа на селективна и нецелосна документација, не се земени предвид претходните истории на болеста на пациентите, лекувањето во други клиники како ни операциите и препораките во таа смисла. Понатаму, не се земени предвид националните протоколи на Македонија и она што е најбитно, вештакот се согласи дека во конкретниот случај се работи за лекување на метастатски рак кој е неизлечива болест и се потврди дека искусните онколози знаат еден месец пред настапувањето на смртта дека ќе настапи смрт на пациентот. Во постапката се докажува дека доктор Симонида правилно постапувала и го продолжила периодот за преживување повеќе од двојно кај секој пациент според стандардите потврдени со научни студии. Ова што го слушаме во судница е тема за некој национален или светски конгрес на онколози, но не за судска постапка – изјави Туфегџиќ.
Според Туфегџиќ, се работи за тешки пациенти и самото стручно лице од Словенија потврдило дека се работи за метастатски рак кој е неизлечлив и смртниот исход е сигурен, односно предвидлив.
-Самото лекување, применетиот медицински третман треба да биде во рамките на националните препораки кои ги применувале нашите лекари. Надвор од тоа не може да се бара никаква одговорност. Сите знаеме во каква кондиција е нашето здравство и во судница бевте присутни кога кажав дека ја бранам доктор Црвенкова, нејзините чест и углед, но ги бранам честа и угледот на здравствениот систем на Македонија – рече Туфегџиќ.
Зборувајќи за фармаколошкото вештачење од професорот Лабачевски, кое е изготвено од страна на одбраната на доктор Црвенкова и е доставено како доказ, според Туфегџиќ се потврдува дека „ерлотинибот“ не е биолошки лек и дека несаканите последици од примената на „ерлотиниб“ не може да бидат тие што ги посочува лекарката од Словенија, односно не може да бидат фатални и смртни последици.
-Тие се транзиторни, минливи ефекти – осип на кожа, пад на коса и некои полесни несакани последици, но никако не може примената на „ерлотиниб“ да предизвика смрт како што тоа се обидува да го докаже докторот од Словенија. И самиот лекар потврди дека не утврдила кој лекар точно кои дејствија ги презел при лекувањето на конкретните пациенти што е клучно за еден кривично-правен настан – тврди адвокатот на докторката Црвенкова.
Инаку изминатите три дена во доказната постапка се презентираше вештачење побарано од скопското Обвинителство, а изработено од докторка од Универзитетот во Марибор Словенија, Маја Равник. Таа во досегашното излагање посочи на непочитување на европски протоколи при лекувањето на пациентите, но и на употреба на лекови кои според неа се без индикација за карциномот од кој боледувале пациентите. Одбраната не се согласува со ова вештачење и има свои вештачења со дијаметрално спротивни наводи.


