ВИДЕО | Трајче Ѓоргиев за „Утрински печат“: Фестивалот „Панфиз“ со мал буџет успева да опстане и да ја анимира публиката

Трајче Ѓорѓиев - организатор на Пантфиз / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

На малата сцена на МНТ, од 27 до 29 април, ќе се одржи 16-тото издание на Меѓународниот фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“, чиј основач и главен двигател е Трајче Ѓоргиев, актер, режисер и магистер по пантомима. Со Ѓоргиев во „Утрински печат“ зборувавме за програмата на годинешното издание на фестивалот, очекувањата во однос на публиката и борбата да се одржи ваков тип на уметност во нашата држава.

„Стигнавме и до 16-тото издание на фестивалот, кој за среќа, е препознаен од Министерството за култура на РСМ. И оваа година тие го поддржаа фестивалот со не толку големи средства, меѓутоа, доволно за да можеме да ја одржиме температурата на движење во физичкиот театар. Отворањето на фестивалот е на 27 април (четврток) и ни гостува Дамир Данте од Швајцарија, за мене моментално еден од најдобрите светски пантомимичари. Инаку тој е еден од последните ученици, асистенти на Марсел Марсо. Тој овој пат ќе ни се претстави со една интересна верзија со пантомима на страдањата на Исус, навраќање пред 2000 години на сите маки и невољи што ги поминал Исус Христос. Сето тоа преточено преку јазикот на пантомимата и ќе биде навистина интересно да го види нашата публика. Со втората претстава ‘Суштество’, се обидуваме да го одржиме буто правецот и буто театарот, такашто оваа година ни доаѓа една девојка од Србија, Нада Милошевиќ, со претстава која е 45-минутен буто перформанс, танц. За крајот го оставивме нашиот гостин од Романија Пол Цимпоеру, кој е многу активен во светот на физичкиот театар и пантомима и ќе ни се претстави со претставата ‘Човечка љубов’“, изјави Ѓоргиев за „Утрински печат“.

Фестивалот „Панфиз“, иако со прилично мал буџет низ годините, се обидува и успева да опстане и да ја анимира публиката со овој жанр во театарската уметност.

„Сите претстави во ова издание на ‘Панфиз’, се играат на малата сцена на МНТ, имаме две соло претстави, а последната е со двајца актери. Генерално се базираме на соло перформанс, бидејќи со толкав буџет располагаме. Јас се надевав дека фестивалот со годините ќе успее да расте, можеби не толку да биде поддржан со големи финансиски средства, меѓутоа, од година во година таа поддршка да се зголемува за да можеме да носиме екипи, луѓе кои многу повеќе значат во светот на пантомимата и физичкиот театар. За жал, таа поддршка стагнира, некогаш е помала, некогаш е поголема, така што можам да речам дека јас сум „полузадоволен“ од целата ситуација. Веќе три години по ред фестивалот е од ревијален карактер, не доделуваме награди поради тоа што самиот буџет не ни дозволува повеќе од три до четири претстави, а компетицијата помеѓу толку малку претстави е мошне мала. Оваа година билетите за фестивалот се бесплатни, а можат да се набават на билетарата на МНТ од 27 до 29 април или пред почетокот на самата претстава“, вели Ѓоргиев.

Она што радува е фактот што и покрај тоа што се работи за не толку млад, но скромен во квантитет фестивал, „Панфиз“ има своја редовна публика и млада генерација на вљубеници во физичкиот театар и пантомима кои го следат целиот фестивал.

„Успеавме во трите години за време на пандемијата на коронавирусот, да го истуркаме фестивалот на отворено и да имаме публика. Многу е чуден составот на публиката изминативе години кај нас, не само за нашиот фестивал, туку и за другите, но сепак сум задоволен. Се најавуваат неколку деца кои изразуваат желба да го проследат целиот фестивал, зборувам за младата генерација која е рарирет во денешно време. Се надевам дека еден ден од тие деца ќе излезат ако не пантомимичари, тогаш добри актери. Секако имаме и стандардна публика од неколку десетици луѓе кои се чести посетители на фестивалот“, вели Трајче за составот на публиката на „Панфиз“.

Повеќе од разговорот со Трајче Ѓоргиев, можете да проследите на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот