ВИДЕО: Страшно невреме предизвика хаос во Грција, прогласена е тревога – нема струја, големи области се под вода
Силното невреме на Крф и во Епир предизвика свлечишта, поплави од одлеани реки, затворени училишта и уништени земјоделски површини, додека екипите на терен се борат со одрони.
Прогласена е вонредна состојба во општината Северен Крф поради силното невреме кое го погоди, објави „Прототема“.
Препорачано
Крф од четврток напладне е погоден од силно невреме, кое предизвика значителна штета во северниот дел од островот.
Истата интензивна бура ги зафати и Парга, Арта, Јанина и Игуменица.
Големи земјоделски површини во областа Каламас во Теспротија се под вода, а пошироките региони на Костур и Епир, исто така, ги оценуваат последиците од разорниот временски фронт.
Обемот на поплавите на Крф е прикажан на фотографиите објавени од „Форкаст ведер Грис“ (Forecast Weather Greece) каде што се гледа порој што тече покрај станбени куќи.
Поради обилните дождови и големата количина вода во Карусадес, цел рид се свлекол, оштетувајќи автомобили и куќи кои, за среќа, биле ненаселени.
Од Јанина веќе се испратени четворица спасувачи, со два гумени чамци, пумпи за вода и спасувачка опрема. Во меѓувреме, училиштата на северниот дел од островот остануваат затворени.
Теспротија и Јанина се под удар на лошото време веќе трет ден. Реката Каламас се излеа и ја поплави долината Врисела со насади мандарини. Земјоделците се во очај, гледајќи како нивниот род пропаѓа токму во сезоната на берба.
Екипи од Општината Филијата и од регионот се на терен за да ја проценат штетата и да интервенираат каде што треба. Слични проблеми има и во рамнината кај Сајада, каде што се поплавени плантажи со портокали и мандарини. Земјоделските култури и локалните патишта се под каллива вода.
Во планинскиот провинциски патен правец на Епир, во Коница и Погони, и денес има одрони и свлечишта, а општините и службите за цивилна заштита работат со механизација за чистење на патиштата.


