ВИДЕО | Стојмановски: Тешко дека ќе помине идејата за Супер лига, клубовите ќе водат војна со своите фанови и со владите

Ковид кризата и влезот на американскиот капитал во Премер Лигата се можеби клучни зошто сега е одлучено за формирање на Супер Лигата од 12 клубови, вели во својата анализа на Утрински брифинг, Милорад Стојмановски, спортски уредник во Слободен Печат.

„Досега УЕФА успеваше да се справи со притисоците, менаџираше богатите клубови да бидат носечки во Лигата на Шампионите, барем кога се во прашање парите. Газдите на овие англиски клубови сега сакаат систем во кој постојано се исти членови на лигата со гарантирани приходи и избегнување на ризикот на капиталот, на губење пари. Сите овие клубови покажаа 50 до 100 милиони евра загуби минатата година и оттаму е забрзана оваа идеја“, вели Стојмановски.

Воопшто не е изненаден за жестоките реакции во јавноста, како и политичките притисоци од британскиот премиер Борис Џонсон и францускиот претседател Емануел Макрон.

„Џонсон сам знае што значи Брегзит, токму тој ќе треба да го штити англискиот фудбал како фирма која врти 2 милијарди во лигата. Нема да им биде лесно ниту на италијанскиот премиер или шпанскиот кој засега е нешто потивок од остнатите. Но многу работи ќе се знаат можеби овој петок но сигурно и на лето. УЕФА треба да соопшти дали ќе ги исклучи Челзи, Реал Мадрид и Манчестер Сити од актуелното полуфинале во Лигата на Шампионите“, вели тој.

Што се однесува до Германија, спортскиот уредник Стојмановски вели, моделот на сопствеништво е тотално независен од капиталот на арапскиот или американскиот бизнис.

„Германците имаат конзистентна политика да градат нешто што има цврст темел, што ќе има одзив кај навивачите. Учеството на навивачите во акционерскиот влог во клубовите е преку купувањето сезонски билети. И нивната контрола во клубовите е многу важна“, изјави Стојмановски.

Тој смета дека оваа идеја на суперлигашите е тешко изводлива, бидејќи, доколку УЕФА преку нацоналните федерации побара суспензија на играчите во домашните првенства, тогаш ќе се пореметат многу работи.

„Ова ќе заврши со преговори меѓу УЕФА и суперлигашите бидејќи и судските постапки можат да траат со години. Прогнозите се дека УЕФА би ја загубила судската битка, со оглед на тоа како функционира УЕФА и нејзината ароганција која води своја политика без разлика на ставовите на државите. Еве и кај нас државната Агенција за млади и спорт не го признава претседателот на ФФМ, а од УЕФА не ги интересира, му дадоа поддршка“ вели Стојмановски.

Во однос на македонскиот фудбал, уредникот во „Слободен печат“, смета дека ова би се одразило врз фудбалот овде.

„Нашиот фудбал главно живее од парите од УЕФА и сите инфраструктурни проекти генерално се од тие пари. Нашиот фудбал не продуцира приходи, нема гледачи на трибините, нема ТВ права, нема реклами, нема силни спонзори и ова би било голем удар врз македонскиот фудбал. Сепак мислам дека ќе се договорат суперлигашите со УЕФА затоа што има голем голем број опасности и за самите овие 12 клубови. Тие ќе треба да се справат со нивните влади, нивните фанови и нема да им биде лесно“, вели Стојмановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот