ВИДЕО | Србијанац за три бода на Пелистер против Башкими
Екипата на Пелистер забележа сигурна и рутинска победа на домашен терен во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), совладувајќи го Башкими на стадионот „Петар Милошевски“ со 1:0. Битолчани уште од самиот старт наметнаа силно темпо и висок притисок, а таквата офанзива за малку ќе донесеше експресно водство.
Препорачано
Се играше петтата минута од натпреварот кога Ристовски одлично се снајде во шеснаесетникот и со удар со глава ја затресе гостинската мрежа. Сепак, радоста на „зелено-белите“ траеше кратко, бидејќи по интервенцијата од ВАР-собата, погодокот беше поништен поради офсајд. Домашните фудбалери не се обесхрабрија и продолжија да го напаѓаат голот на Башкими. Најпрво Булатовиќ се закани со незгоден удар од 17 метри кој помина за малку покрај стативата, а набрзо потоа и Ивановски со глава го стави на маки гостинскиот чувар на мрежата, кој со крајни напори успеа да улови жива топка.
Клучниот момент во првиот дел се случи во 24 минута. Дефанзивецот на Башкими, Личина, направи кардинална грешка во сопствената одбрана, која веднаш ја прочита Ристовски. Тој брзо реагираше и несебично асистираше до српскиот интернационалец Милан Србијанац, кој со хируршки прецизен и неодбранлив удар ја погоди мрежата за 1:0. Само пет минути подоцна, во 29 минута, Пелистер имаше златна шанса да ја удвои предноста и да го реши натпреварот. По едно брзо изведено слободен удар, Булатовиќ мајсторски го лобуваше истрчаниот голман на гостите, но немаше среќа бидејќи топката заврши во стативата.
Во второто полувреме, тактиката на Пелистер се промени. Битолчани свесно се повлекоа на својата половина со цел паметно да го менаџираат водството, дозволувајќи му на Башкими да ја преземе иницијативата на теренот. Сепак, најзрелите шанси во продолжението повторно беа во режија на домаќините преку брзи контранапади. Финишот од мечот донесе комплетна офанзива на Пелистер за заверка на победата. Во 84 минута, Булатовиќ испрати вистински проектил кон голот, но Стојковски со бравурозна парада спаси чист погодок. Само пет минути подоцна, во 89 минута, во шанса се најде и Петровиќ, кој одлично проби по крилната позиција и силно биеше, но гостинскиот чувар на мрежата повторно беше на вистинското место и не дозволи изненадување.
Со овие три бода, Пелистер се зацврсти на осмото место на табелата со вкупно 40 бода. Башкими останува на седмата позиција со 42 бода.


