Lakpa Sherpa/AFP/Getty

ВИДЕО | Снежна бура го парализираше Монт Еверест – хеликоптер се сруши додека спасуваше планинари

Длабоките наноси снег не само што го парализираа туризмот, туку предизвикаа и пад на хеликоптер кој се обидувал да спаси заглавени планинари.

Обилните снежни врнежи што ги донесоа циклонските ветрови во Хималаите предизвикаа целосно затворање на регионот околу Монт Еверест, и на непалската и на кинеската страна, јавува „Ројтерс“.

Длабоките наноси снег не само што го парализираа туризмот, туку предизвикаа и пад на хеликоптер кој се обидувал да спаси заглавени планинари.

Од понеделникот целиот регион е под дебел слој снег, откако циклон од Бенгалскиот Залив се придвижил преку Индија, носејќи втор бран силни врнежи во текот на овој месец. Илјадници планинари и авантуристи секоја година се искачуваат кон базниот камп на Еверест, но сега сите активности се стопирани.

Властите во Непал соопштија дека поради дождовите во пониските предели и обилниот снег на височините, привремено се прекинуваат сите рути за планинарење.

Тие ги повикаа туристите да не тргнуваат на патувања и да ги прекинат своите трекинзи во областите Аннапурна, Манаслу и Даулагири, каде се наоѓаат некои од највисоките светски врвови.

„Мал приватен хеликоптер кој летал кон Лобуче, во близина на базниот камп на Еверест, со цел да извлече заглавени планинари, се срушил при обид за слетување“, изјави портпаролот на Цивилната воздухопловна управа на Непал (CAAN) Ѓанендра Бул.

На видеото објавено од CAAN се гледа како леталото пролизгува по снегот. Пилотот е спасен, но засега нема информации дали и планинарите биле евакуирани.

Армијата и полицијата на Непал од вторник спасуваат стотици планинари во округот Мананг, пренасочувајќи ги кон безбедни подрачја, соопшти портпаролот на непалската армија Раја Рам Баснет.

Според него, околу 1.500 планинари – меѓу кои и околу 200 странци од различни националности – заедно со своите водичи и локални носачи, биле заглавени поради длабокиот снег.

„Спасувачите го расчистија снегот од патеките и ги спуштија на побезбедни места“, изјави Баснет за Ројтерс во Катманду.

Метеоролозите најавија нови врнежи од дожд и снег во четврток и петок, како резултат на циклонот Монта, кој во вторник вечерта ја погоди индиската држава Андра Прадеш.

И на тибетската страна на Еверест состојбата е слична – продажбата на билети за пристап е стопирана уште од вторник попладне, бидејќи патиштата се заледени, а видливоста значително намалена, соопшти одделението за туризам на округот Тингри.

Временските прогнози најавуваат дополнителен пад на температурите под нулата во наредните денови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот