ВИДЕО: Скулптурите на Петар Хаџи Бошков го оживеаја Стоби

Изложба на скулптури од Петар Хаџи Бошков во Стоби / 18 септември 2021 / фото: Александра Бубевска/Слободен печат

Скулптурите од Петар Хаџи Бошков распоредени низ археолошкиот локалитет го оживеаја древното Стоби и на посетителите им понудија вонвременско доживување на спојот помеѓу два света – античкиот и модерниот.

Врвулица од посетители се движеа по улиците на Стоби – од полукружниот плоштад, Виа сакра, сцената на Античкиот театар и коридорот под гледалиштето, храмот на Изида и Серапис и големиот неистражен простор што се протега до Градбата со арки. Сите изложени дела, авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство.

Благодарение на неговиот син, Игор Хаџи Бошков биле позајмени и директно од ателјето биле пренесени на локалитетот Стоби.

„Сите овие скулптури всушност се дел од моја колекција, ги чувам како богатство на Македонија. Самиот го чувам и се грижам за ова национално богатство кое стои во неговото ателје. Кога дојде идејата да се направи оваа изложба, мене ми беше интригантно да им покажам на луѓето што се’ има во неговото ателје, затоа што повеќето одовие скулптури беа спакувани буквално како во магацин и досега немаше интерес од институциите и тоа посебно ме инспирираше да ги покажам делата. Исто така, сакав да ги поттикнам младите уметници да не се плашат да ги изложуваат своите дела на отворен простор, затоа што имаме прекрасни простори за изложување во Македонија“, рече за Утрински брифин, Игор Хаџи Бошков.

Идејата за оваа изложба е на Спасе Перовски, директор на НУ „Стоби“, како дел од подолгорочниот проект „Стоби – жив град“, кој вели дека ги презеле сите неопходни мерки да ги заштитат делата кои се поставени на отворено на 24 пунктови низ Стоби. „За мене беше предизвик во античкиот град Стоби да се претстават делата на Петар Хаџи Бошков, најзначајниот скулптор на втората половина на 20-от век. Иако неговото творештво е прилично истражувано, издадени се и неколку монографии, направени се повеќе ретроспективни изложби, но за некој што е посветен истражувач предизвикот е уште поголем да се најдат точки кои можеби допрва треба да се истражат. Во процесот на работа утврдивме дека постојат такви точки, особено кои прават посебен спој во вземното разоткривање на она што е вредност на локалитетот Стоби и она што е наше непосредно минато. Но тоа модерно наследство лесно може да биде изгубено доколку не се третира соодветно, не се истражува и афирмира“, рече Владимир Јанчевски, куратор на изложбата.

Големата изложба на дела од Петар Хаџи Бошков насловена „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“ вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков, кои опфаќаат четиридецениски период (1962 – 2004) од еден од најзначајните македонски современи уметници.

Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015) е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век. Човек со интернационален дух и отворен светоглед, школуван во повеќе значајни центри, меѓу кои Љубљана, каде што дипломирал, и Лондон, каде што специјализирал на Кралскиот колеџ за уметност. Лондон е посебно значаен за неговиот развој, каде што имал можност да истражува и да развие пријателство со големиот британски скулптор Хенри Мур. Од исклучително значење за него е и Британскиот музеј, кој речиси секојдневно го посетувал. Поминувал часови пред најубавите и најзначајни дела од египетската, античката грчка и римска уметност, кои му биле инспирација во раниот творечки период, а таа врска ќе остане силна и понатаму ќе се развива на едно повисоко ниво. Како изграден автор бил визитинг-професор на уметничката школа „Купер Јунион“ во Њујорк, по што се вратил во неговото Скопје да го донесе светот дома. Тука продолжува со педагошката дејност, прво како професор во Уметничкото училиште во Скопје (1968-1980), а подоцна и како професор и прв декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, сѐ до своето пензионирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот