ВИДЕО | Си играл со оган: Маж пливал во забранети води, бил нападнат од алигатор

Пливач нападнат од алигатор во Бразил/ Фото Youtube Screenshot

Неверојатна снимка од алигатор како напаѓа пливач е снимена во Бразил, во популарната туристичка област Кампо Гранде, пренесува Дејли Меил.  

Наводно, пливачот ги игнорирал предупредувањата дека во езерото има предатори. На видеото се гледа како младиот алигатор доплива до својата жртва со неверојатна брзина, посегнува по неа и ја напаѓа.  

Вилијан Катано, кој го снимил инцидентот на 23-ти октомври, забележал маж како влегува во опасните води околу 16 часот и 40 минути. Откако се доближил на околу 30 метри од брегот, пливачот видел алигатор како брзо се движи низ водата кон него.  

„Се сврте кон брегот и се обиде да плива назад најбрзо што може. Но одеднаш, на мое изненадување, алигаторот почна да го брка“, изјави Катано.  

„Тој се обиде да плива брзо за да избега, но алигаторот успеа да го зграби и да го гризне за раката. Потоа излезе крвав од водата и многу исплашен, а рече дека не знаел дека има алигатор“ додаде тој.  

Гарапеира Мариналва да Силва, кој држи штанд со сок од шеќерна трска, кој гледа кон езерото, рече дека ова е прв пат во последните пет години да види некој да влезе во водата.  

„Понекогаш децата одат таму, но тие знаат дека има алигатори, дека е валкано и тие се враќаат“, рече тој.  

Овој невнимателен пливач за чудо успеал да помине без сериозни повреди и да му избега на смртоносниот предатор. Локалните медиуми јавуваат и дека била повикана брза помош, но освен каснувањето на раката, човекот не е тешко повреден.