ВИДЕО | Серијата на Меган Маркл добива лоши критики, но нејзиниот стил не: Еве од каде е волшебниот фустан што го носи на самиот крај
„Сакам да комбинирам скапо и поволно“, ѝ вели Меган Маркл на својата гостинка, актерката и сценаристка Минди Калинг, во втората епизода од серијата „Со љубов, Меган“ (With Love, Meghan), која се прикажува на Нетфликс, а потоа открива дека во тој момент носи панталони на „Зара“ (49,95 евра), плетена блуза на „Лоро Пиjана“ ( 1.240 евра), а џемперот кој лежерно го префрлила преку рамената е од брендот Џени Кајне (370 евра).
Препорачано
Во текот на целата серијата, која доби лоши критики и беше опишана од „Вариети“ како „его патување во Монтесито кое не вреди да се гледа“, ако ништо друго, модниот стил на главната ѕвезда е непогрешлив. Кошули и комплети на брендот „Зимерман“, џемпери од кашмир на Џеј Кру, свилено здолниште од „Реформејшн“, цветен фустан од Емилија Викстед – нема сомнение дека во осумте епизоди од серијата за животен стил има некои навистина беспрекорни парчиња облека, но она што војвотката од Сасекс го избрала за постер и за крајот на серијата, кога ги собира своето семејство и пријателите и во која само на момент се гледа и нејзиниот сопруг принцот Хари, е приказна сама по себе.
Станува збор за креација на брендот „Ула Џонсон“, наречена „Freesia“, во сина боја и изработена од луксузен свилен шифон со набори. Фустанот со лелеаво здолниште до подот и припиен горен дел чини 890 евра на веб-страницата на брендот.
Ула Џонсон е дизајнерка од Њујорк која црпи инспирација од мешавина на глобалните влијанија. Батик дезени, везови и реси се меѓу препознатливите детали на брендот, присутни во нејзините култни фустани, бохо мини здолништа и чизми со реси. Нејзиниот бренд е лансиран во 2000 година и е познат по рачно изработената облека и обувки.


