ВИДЕО | Се продава легендарното блиндирано „БМВ“ на Алија Изетбеговиќ – колку би дале за возило што не пали?
Јавното претпријатие „БХ Пошта“ – Босна и Херцеговина, објави јавен повик за продажба на блиндираниот автомобил марка „БМВ 534 I“, произведено во 1997 година, по почетна цена од 50.000 конвертибилни марки. Автомобилот се продава преку лицитација, а како што се наведува во огласот, не е во возна состојба.
Препорачано
Според податоците од јавниот повик, станува збор за возило со зафатнина на моторот од 3.982 cm³ и моќност од 210 kW, со погон на бензин и поминати 54.778 километри. Автомобилот е црна боја и, како што е наведено, поседува исклучително богата опрема – кожни седишта, автоматска клима, погон на сите четири тркала, како и непробојни стакла и блиндирана каросерија тип WSA, 10/SD.
На прв поглед, може да изгледа како уште едно службено возило кое ја изгубило својата употреблива вредност. Сепак, овој автомобил има посебна историска тежина – го користел Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на Претседателството на Република Босна и Херцеговина.
Многумина сметаат дека ваквиот потег е непримерен и без почит кон државното наследство, и дека возилото требало да биде сочувано како дел од музејска поставка или државна збирка, објавија босанските медиуми.
Во самиот повик на „БХ Пошта“ стои дека право на учество имаат правни и физички лица кои до рокот на лицитацијата ќе уплатат кауција од 10 проценти од почетната цена. Заинтересираните купувачи можат да го погледнат возилото на паркингот на Генералната дирекција на „БХ Пошта“, на адреса Обала Кулина бана 8 во Сараево, во работни денови до 30 октомври 2025 година, со претходна најава.
Иако „БХ Пошта“ формално постапила во согласност со процедурите, се поставува прашањето дали е морално и општествено оправдано да се продава возило кое има симболична и државничка вредност.
Во земјите од регионот, а особено во држави со подолга традиција на почитување на историското наследство, автомобилите кои им припаѓале на поранешни претседатели, кралеви или значајни личности обично заземаат место во музеи, државни резиденции или архиви.


