Австралискиот премиер Ентони Албанезе со сопругата Џоди Хејден/Фото: MIKE BOWERS / AFP / Profimedia

ВИДЕО | Се ожени австралискиот премиер Ентони Албанезе, кучето ги донесе прстените

Австралискиот премиер Ентони Албанезе направи кратка пауза од управувањето со земјата за да се ожени со Џоди Хејдон, пренесува Ројтерс.

Албанезе стана првиот австралиски лидер кој се оженил додека е на функција. Двојката се венча во Канбера во сабота попладне, еден ден по последното заседание од парламентарната година.

„Воодушевени сме што ја споделуваме нашата љубов и посветеност да ги поминеме нашите идни животи заедно, пред нашето семејство и најблиските пријатели“, рече Албанезе.

Австралискиот премиер објави и фотографии од својата свадба на Твитер, кои ги придружи со описот: „Те сакам Џоди“.

До големиот ден, плановите за свадбата беа чувани во тајност поради безбедносни причини. Родителите на Џоди беа присутни, како и синот на Албанезе од претходниот брак, Натан. На церемонијата присуствуваа неколку владини министри.

Кучето на Албанезе , Тото, ги носеше венчалните прстени додека двојката излегуваше на звукот на песната „Signed, Sealed, Delivered (I’m Yours)“ од Стиви Вондер.

Премиерот, исто така, сподели видео на своите официјални профили на социјалните мрежи на кое се гледа како среќната двојка излегува.

На приемот, првиот танц на двојката беше на песната „The Way You Look Tonight“ од Френк Синатра. Гостите пиеја пиво од лименки со слики од двојката на нив.

Пиво со ликовите на младенците/Фото: MIKE BOWERS / AFP / Profimedia

Ентони Албанезе и Џоди Хејдон ќе го поминат медениот месец во Австралија. Што се однесува до нивното запознавање, тоа било во 2020 година на вечера во Мелбурн, кога партијата на Албанезе била во опозиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот