Педро Санчез / Фото: EPA-EFE/JUAN CARLOS HIDALGO

ВИДЕО | Санчез: Aмериканско-израелската офанзива против Иран е апсолутна катастрофа

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека американско-израелската офанзива против Иран е „апсолутна катастрофа“ со сериозни последици за регионот и глобалната економија, јавуваат шпанските медиуми.

Санчез во обраќање пред шпанскиот Конгрес изјави дека од почетокот на конфликтот на 28 февруари, регистрирани се речиси 2.000 смртни случаи, повеќе од четири милиони луѓе се раселени во Иран и Либан, околу 12 милијарди евра јавни пари се потрошени за воени операции, а туризмот, поморската трговија и глобалниот воздушен сообраќај се драстично погодени, објави „Паис“.

„Цените на суровините и храната драматично се зголемија, што ги загрозува основните економски функции на светот“, нагласи Санчез.

Шпанскиот премиер изјави дека конфликтот негативно влијае и на Шпанија, предизвикувајќи пораст на цените на горивата, пад на берзанскиот индекс и загуба од повеќе од 100 милијарди евра за шпанските компании за само еден месец.

„И сето ова за што? За да се поткопа меѓународното право, да се дестабилизира Блискиот Исток, да се разгорат конфликтите во Ирак и Либан и да се закопа Газа во урнатините на заборавот и рамнодушноста. Ова е апсолутна катастрофа“, рече тој.

Санчез додаде дека конфликтот нема да им донесе придобивки на граѓаните, како што се повисоки плати, попристапни станови или подобри јавни услуги.

„Она за што можеме да бидеме сигурни е дека овој конфликт нема да доведе до повисоки плати, попристапни станови или подобри јавни услуги. И тоа е вистинска трагедија“, рече тој, додавајќи дека „последното нешто што му треба на светот е уште една војна“.

Тој нагласи дека Шпанија реагирала суверено, отфрлајќи го барањето на САД за користење на шпанските воздухопловни бази Рота и Морон за извршување на воени акции во Блискиот Исток.

„Ние сме суверена нација која не сака да учествува во нелегални војни“, рече тој.

Санчез исто така рече дека владата воспоставила „најголемата мрежа за социјална сигурност во ЕУ“ со директна помош од пет милијарди евра, даночни олеснувања и заштита на домаќинствата и бизнисите од последиците од војната.

Шпанскиот премир потсети дека нападите на САД и Израел започнале во време кога Американците го имале нуклеарниот договор со Иран „во свои раце“, но го отфрлиле „без објаснување, без да ги информираат сојузниците и без правна основа“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот