ВИДЕО РЕПОРТАЖА: Шествалентниот хром од Југохром и натаму го демне Рашче

Една година потоа шествалентниот хром од Југохром и натаму го демне Рашче/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во педесеттите години на минатиот век во кругот на „Југохром“ имало погон за производство на натриум бихромат, баран производ на некогашниот југословенски пазар, но не се знаеле еколошките опасности што со себе ги носи ова производство, раскажува Борче Антовски, кој ја одржува пречистителната станица.

Сликата што ја затекнавме беше едвај нешто поинаква во однос на минатиот октомври – земјиштето под патот и натаму е загадено со отровна кал, а помал поток на загадена вода и натаму го наоѓа својот пат до Вардар. Сепак, во забележливо помало количество во однос на лани. Поточињата што поминуваат низ депонијата го испираат јаловиштето, а со него истекува и шествалентниот хром.

Поголем дел се зафаќа и третира во пречистителната станица во кругот на фабриката, но еден дел сепак продолжува да се излева.

Екипа на „Слободен печат“ пред една година беше на лице место да ги провери наводите на локалното население, кое алармираше дека големи количества на шествалентен хром се слеваат директно во Вардар.

Загрозени подземните води од изворот Рашче/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Деновиве повторно ја посетивме депонијата на некогашната фабрика „Југохром“ од Јегуновце за да утврдиме на терен што презеле надлежните институции со цел да се спречи истекувањето на канцерогената смеса. Депонијата се наоѓа на околу еден километар надвор од селото, покрај Вардар. И депонијата, а и фабриката, некогашен фабрички гигант на црната металургија со повеќе од 2.000 вработени, се наоѓаат во првата заштитна зона на изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдува цело Скопје,

Отровот се зафаќа и се третира, но не целосно

Веќе пет години не работат фабричките печки на „Југохром“. Фабриката што се наоѓа во срцето на рамничарското село Јегуновце носи траги од запуштеност и неактивност – искршени прозорци на потемнетите фабрички згради, израснати со трева празни паркинзи и речиси празен фабрички круг. Само неколку десетици вработени се грижат за неопходното одржување на фабриката, а другите одамна се заминати во потрага по егзистенција.

Во кругот на „Југохром“ е сместена пречистителната станица, која врши третман на загадени води со шестовалентен хром. Почнала да работи во 1991 година, најпрвин зафаќајќи ги отпадните води од кругот на фабриката, а од 2004 година почнала да ги прифаќа и третира загадените води од индустриската депонија.

Шествалентниот хром во неколку научни студии е наведен како една од најголемите еколошки закани за водоснабдувањето на Скопје, бидејќи индустриската депонија на „Југохром“ е во првата заштитна зона на изворот Рашче, а од планината Жеден, во чиишто пазуви се наоѓа подземниот резервоар со вода од кој се храни Рашче, ја делат само водите на Вардар.

– Овие две години работиме со намален капацитет од причини што не работи таложникот, кој треба да ја прими пречистената вода. Дојде до протекување и додека не се санира техничкиот проблем, капацитетот на преработката на отпадните води ќе биде намален. Министерството за животна средина има објавено тендер за санација и реконструкција на таложникот. „Југохром“ нема средства самата да се грижи за одржувањето и функционирањето на пречистителната станица, па работите ги презеде државата – вели Светлана Бошкоска, раководителка на пречистителната станица.

Пречистителната станица не функционира доволно/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Откако медиумите објавија за проблемот кој со децении се провлекува низ лавиринтите на надлежните институции, но никако не се решава, од Министерството за животна средина изјавија дека преземаат мерки за итна санација на проблемот. Но, на терен се гледа дека и покрај напорите што ги вложуваат вработените на затворената фабрика да го одржат заштитниот систем на отпадните води во живот, неговото функционирање е само делумно и недоволно за да го запре опасното загадување со шествалентниот хром, кој и натаму ги загадува подземните, но и површинските води. Единствено решение е дислокација на депонијата.

Раководителката на пречистителната станица ни ги покажува новите резервоари за неопходните хемикалии, со кои се неутрализираат отровите од депонијата. Шествалентниот хром по третманот во пречистителната станица станува тривалентен хром и ова соединение повеќе не е опасно за животната средина. Водите по третманот ги задоволуваат максимално дозволените концентрации за води од втора категорија и како такви се испуштаат во реципиентот, реката Бистрица, притока на Вардар, која исто така е од втора категорија.

Шествалентниот хром по третманот во пречистителната станица станува безопасен тривалентен хром/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Принципот на работа е едноставен, кога пречистителната станица не е исклучена поради дефекти или недостиг на неопходните хемикалии, таа работи во две смени и зафаќа поголем дел од исцедокот од депонијата. Во ноќните часови не работи. Квалитетот на водата што се испушта, го контролираат во сопствената лабораторија. Вработените велат дека кога ќе проработи и таложникот, зафатот на исцедокот од депонијата и неговата преработка ќе се подобрат.

Од каде шествалентен хром во депонијата

Во педесеттите години на минатиот век во кругот на денешен „Југохром“ имало погон за производство на натриум бихромат, баран производ на некогашниот југословенски пазар и пошироко, но не се знаеле еколошките опасности што со себе ги носи ова производство, раскажува Борче Антовски, кој ја одржува пречистителната станица.

Со престанокот на работата на погонот, јаловината од ова производство, заедно со протекувањето на хемикалиите од некогашната фабрика за натриум бихромат, станале еколошки проблем, кој до денешен ден не е решен. Во почвите на просторот на сегашниот индустриски комплекс Југохром има висока концентрација на канцероген шествалентен хром. До 2016 година, додека работеше Југохром, работната единица во чијшто склоп е и пречистителната станица, го контролирала квалитетот на подземните води, но по затворањето на фабриката, повеќе нема пари да врши контрола.

 

Со оваа сторија „Слободен печат“ се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот