Никој пет пари не дава за шествалентниот хром од Југохром

Четири години откако беше затворен и прогласен за најголем загадувач на Тетово и на Полошката Котлина, некогашниот производител на феролегури од тетовското село Јегуновце, фирмата Југохром, продолжува да загадува. Екологистите завчера кренаа тревога, објавувајќи фотографии на социјалните мрежи .

„Ова што го гледате на фотографиите е исцедокот од депонијата на Југохром во Јегуновце. Онаа вода кадешто се влева токсичниот исцедок е реката Вардар! Она на другиот брег на Вардар е планината Жеден. Од другата страна на планината се изворите Рашче, од кои вода пие цело Скопје! Ја гледате гадотијава во сите нијанси на жолто и зелено што истекува непречено? Е, тоа е шествалентен хром!!! Ај сега изгуглајте колку видови канцер предизвикуваат хромните соединенија во водата што ја пиеме и од која се наводнуваат нашите ниви!“, беше еден од коментарите на Фејсбук.

Токсичен индустриски отпад од Југохром/Фото: Слободен печат

Заедно со судбината на некогашниот македонски индустриски гигант во заборав како да падна и индустриската депонија на Југохром, која со децении претставува една од потенцијално опасните локации на токсичен индустриски отпад за кој никој или речиси никој не води сметка. Индустриската депонија на Југохром со површина од 80 илјади квадратни метри е лоцирана во близина на селото Јегуновце и во нејзина непосредна близина поминуваат неколку потоци кои се слеваат во реката Вардар.

Депонијата е во надлежност на државата

Индустриската депонија во Јегуновце датира од 1960-те години кога почнала таму да се депонира отпадна хромна кал како остаток од производство на феролегури. Според јавно достапната документација за Југохром, таа содржи околу 850.000 тони индустриски отпад во кој има хромати на калциум, алуминиум и натриум. Шествалентниот хром, кој се наоѓа во составот на депонираната индустриска згура, е извор на загадување на почвата и подземните води, а депонијата претставува потенцијална опасност и ги загадува подземните води и површинските води, потокот Музга и реката Вардар. Ова е еден од заклучоците на студијата под наслов Влијание на депонијата од ХЕК Југохром врз квалитетот на површинските и подземните води“, што датира од пред 30 години, но може да се најде и на интернет.

Фото: Слободен печат

Југохром, беше затворен во ноември 2016 година, откако не успеа да се договори со тогашната влада околу одложувањето на роковите кои и беа поставени за инсталирање на филтрите на фабричките оџаци. Сопственик на некогашната фабрика е ДПТУ Југохром Алзар, а таа ги презела и обврските околу одржувањето на постројките кои го зафаќале и пречистувале депонискиот исцедок, додека пак депонијата била во надлежност на државата. Како дел од обидите за рекултивација на локацијата, таа била делумно опфатена со дренажни канали кои го собирале отровниот исцедок и со препумпна станица тој бил враќан назад во депонијата. Постоела и пречистителната станица што ги третирала загадените води (од фабриката и од депонијата) во кругот на фабриката.

Нашите обиди да стапиме во контакт со одговорно лице на оваа компанија за да прашаме кој се грижи за тоа во каква состојба е фабричката депонија беа безуспешни. Југохром Алзар нема своја функционална веб-страница, туку Фејсбук профил, чии последни апдејти се од 2017 година, додека пак на објавениот телефонски број за контакт се вклучува сигнал за факс.

Од Министерството признаваат дека има проблеми

„Работењето на Пречистителната станица за намалување на загадувањето со шестовалентен хром е од исклучително значење за обезбедување на чиста/незагадена вода за пиење од изворот Рашче, кој се наоѓа во близина на депонијата, а е главен извор за водоводниот систем за снабдување на Скопје. Затоа, заштитата на квалитетот и квантитетот на водите претставува највисок национален интерес. Пресметките за хидролошкиот и хидрогеолошкиот баланс на водите направени во неколку проекти јасно покажуваат дека водата што истекува од изворите Рашче не може во целост да потекнува од врнежи и од инфилтрирањето од Жеден. Според тоа, дел од водите потекнуваат од подземни водоносни слоеви во планот за Полошката Котлина и/или од претекувањето на реката Вардар директно во карстните водоносни слоеви на Жеден“, пишува во одговорот што „Слободен печат“ го доби од надлежните во Министерството за животна средина.

Фото: Слободен печат

Врз основа на договорот за купопродажба, во 2003 година Екомак/Силмак тогаш презел одговорност за тековното одржување на пречистителната станица. во нивната тогашна конфигурација и работоспособност“, се вели натаму во одговорот на МЖСПП.

Од Министерството тврдат дека пречистителната станица работи континуирано од 2005 година, благодарение на соработката што Министерството ја имаше во текот на целиот овој период со сопствениците на компанијата, но поради сложеноста и застареноста на системот, различниот состав на депонијата, двете страни се соочуваа со многу проблеми. Бидејќи фабриката од 2016 година не работи, обврските што ги има согласно договорот за одржување на пречистителната станица се остваруваат со големи тешкотии.  Во дописот од Министерството се признава дека често пати има затнување на дренажниот систем, проблеми со пумпната станица,  далечинското управување, тековно одржување и друго. МЖСПП вложува напори да им помогне во реализација на задачите со цел да не се дозволи прекин на работата на пречистителната станица“, велат оттаму.

Според нашите сознанија од доброинформирани извори „големите тешкотии“ всушност значат дека во моментов пумпите не работат со полн капацитет поради проблеми со пречистелната станица.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот