Шествалентниот хром од Јегуновце повторно „под контрола“

Токсичен индустриски отпад од Југохром/Фото: Слободен печат

Шествалентниот хром повторно се пречистува откако од крајот на изминатата година проработела пречистителната станица за преработка на отровниот исцедок од депонијата на фабриката „Југохром“ од Јегуновце.

Барем така тврди Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), откако биле завршени набавките на неопходните хемикалии и резервните делови за станицата. Според МЖСПП, со Програмата за управување со водите за 2021 година, за одржување на пречистителната станица и СКАДА системот во Јегуновце за годинава се обезбедени 9,4 милиони денари.  

Минатата есен „Слободен печат“ објави репортажа од местото каде депониските отровни излевања непречено се разлеваа по нивите во околина на тетовско Јегуновце и завршуваа во Вардар, по што надлежните најавија брзо санирање на нефункционалната пречистителна станица. Во одговорот што деновиве го добивме на прашањето како тече санацијата на системот за пречистување, МЖСПП вели дека „се реализираат активности за обезбедување на континуирана работа на истата“.

„Обврските што произлегуваат од договорот за континуирана работа, потпишани од Министерството и „Југохром Алзар“ ДООЕЛ за тековното одржување на пречистителната станица, не се исполнуваат, бидејќи компанијата не работи од 2016 година и има финансиски проблеми. Сите обврски за тековното одржување, МЖСПП се труди да ги решава“, пишува во одговорот. Во 2020 година, Министерството набави нови цистерни за складирање на хемикалиите потребни за процесот, нови пумпи и други делови од опрема, потребна во системот, информираат оттаму.

Раководството на „Југохром“ деновиве во медиумите најави рестарт на фабриката наесен, доколку успеат да ја довршат изградбата на филтерот за пречистување на фабричкиот оџак. Депонијата со рудна згура која му припаѓа на некогашниот полошки металуршки гигант, веќе со децении претставува еден од главните еколошки проблеми во земјава поради потенцијалната опасност шествалентниот хром да продре во подземните води што го хранат Рашче, изворот од кој пивка вода обезбедува Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот