ВИДЕО: Првиот човек со чип во мозокот играше шах на компјутер, глувчето го контролираше со умот

Првиот човек со чип Neuralink играше шах на компјутер во видео стриминг/Фото: Скриншот/Х

Стартапот на Илон Маск, Неуралинк, во живо емитуваше како првиот пациент со вграден чип во мозокот го користи својот ум за да игра шах онлајн, објави Ројтерс.

Ноланд Арба (29), кој беше парализиран од рамената надолу по нуркачка несреќа, играше шах на својот лаптоп и го поместуваше курсорот користејќи го уредот на Неуралинк. Имплантот има за цел да им овозможи на луѓето да го контролираат курсорот или тастатурата на компјутерот користејќи ги само своите мисли.

„Арба го доби имплантот од компанијата во јануари и може да контролира компјутерско глувче само со својот ум“, рече Маск.

„Операцијата беше супер лесна. Буквално бев пуштен од болница следниот ден. Немам когнитивно оштетување. Во основа се откажав од играње на оваа игра. Сите ми дадовте можност да го направам тоа повторно и играв 8 часа по ред“, рече Арба во видео-стримот, емитуван на социјалната платформа Х.

Објаснувајќи го своето искуство со новата технологија, Арба рече дека таа „не е совршена“ и дека „налетале на некои проблеми“.

„Не сакам луѓето да мислат дека ова е крајот на нашето патување, има уште многу работа да се заврши, но тоа веќе ми го промени животот“, додаде тој.

Подоцна, самиот Маск во твит под стримот коментираше дека „долгорочно, можно е да се пренесат сигналите од моторниот кортекс на мозокот по оштетениот дел од ‘рбетот, за луѓето да можат повторно да одат и да ги користат нормално рацете“.

Минатиот месец, инспекторите на американската Администрација за храна и лекови (ФДА) открија проблеми со евиденцијата и контролата на квалитетот за експериментите со животни во Неуралинк на Илон Маск, помалку од еден месец откако стартапот соопшти дека добил дозвола за тестирање мозочни импланти кај луѓе. Неуралинк не одговори на прашањата за прегледот на ФДА во тоа време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот