
ВИДЕО | „Повеќето гости беа згрозени…“: Легендарниот актер доделуваше награда, а потоа му паднаа панталоните пред сите
Легендарниот Марк Хамил дефинитивно ќе го запамети годинашното доделување на филмските награди на Британската академија, познати како БАФТА.
Препорачано
Имено, на актерот ненадејно му паднаа панталоните сè до колена додека ја претставуваше категоријата за најдобар филм, а на тој непријатен момент сведочеа милиони луѓе пред малите екрани, како и оние во публиката на доделувањето. Оние што седеа во првите редови, изгледа, виделе повеќе од очекуваното, пренесува „Дејли мејл“.
„Марк почна да зборува, а потоа панталоните едноставно му паднаа до колена. Како да му беа преголеми. Сите големи ѕвезди, како Тимоти Шаламе, Аријана Гранде и Адриен Броди, го видоа тоа од својот агол. Повеќето гости изгледаа згрозени, но не кажаа ништо. Се свртија едни кон други со широко отворени очи, како да си велат: ‘Дали ова навистина се случи?’“, раскажал извор.
Иако беше свесен за моментот, Хамил не се збуни и продолжи со својата обврска – да ја претстави категоријата.
„Ако сте во оваа просторија како и јас, сигурно ги сакате филмовите – па што е тоа во кинематографијата што толку многу го сакаме и што нè собра овде вечерва на оваа прослава? За мене, тоа се филмовите што создаваат толку живописни светови и моќни приказни што целосно се губиме во нив“, рече тој, продолжувајќи го својот говор додека ги враќаше панталоните.
„Тие создаваат импресивни филмски пејзажи што изгледаат живи, без разлика дали се сместени тука, во Лондон, или на кое било друго место што можете да го замислите“, додаде тој, па ги прочита номинациите и го прогласи победникот – филмот „Конклава“.