ВИДЕО | Португалија со лош старт на Мундијалот, историски резултат за ДР Конго
Фудбалските репрезентации на Португалија и ДР Конго го одиграа првиот натпревар од групната фаза на Светското првенство. ДР Конго приреди вистинска сензација, дојде до својот прв историски бод на Мундијалите, ремизирајќи 1:1 против фаворизираната Португалија.
Препорачано
Португалците ја презедоа иницијативата од самиот почеток и поведоа веќе во шестата минута. По одличното центрирање на Педро Нето, највисок во скокот беше Жоао Невес, кој ја испрати топката со глава во мрежата и му даде водство на својот тим.
По раниот гол, се чинеше дека Португалија ќе ја контролира играта без поголеми проблеми. Тимот доминираше во поседот на топката и создаваше шанси, а во 18-тата минута Бруно Фернандес повторно го покажа својот квалитет кога создаде акција што можеше да резултира со втор гол. Сепак, последниот удар заврши покрај голот.
Токму кога се чинеше дека Португалија ќе влезе на полувреме со минимална предност, за европскиот тим дојде студен туш. Во четвртата минута од судиското продолжение, Артур Масуаку испрати прецизен центаршут, а Јоане Виса највисоко скокна нечуван од никого во португалската одбрана и со глава ја испрати топката во противничката мрежа за 1:1.
Португалците се обидуваа веднаш да се вратат во водство, во 55 минута, Жоао Кансело ја затресе мрежата со спектакуларен удар со ножички, но португалската прослава беше краткотрајна бидејќи голот беше поништен поради офсајд.
Со текот на времето, фрустрацијата во редовите на европскиот тим растеше. Кристијано Роналдо особено се мачеше, пропуштајќи одлична можност во 69минута кога шутираше покрај голот од добра позиција.
ДР Конго беше блиску до целосен пресврт во 78 минута. По еден брз контранапад, Бакамбу имаше одлична шанса, но не успеа да постигне гол и да ја казни одбраната на Португалија. Во последните моменти од натпреварот, Португалија се обиде да го постигне победничкиот гол. Најблиску до тоа беше Кансело во 87 минута кога испрати остра топка низ шеснаесетникот, но голманот на ДР Конго повторно реагираше одлично
Резултатот не се промени до крајот на натпреварот, па африканската репрезентација освои вреден бод, додека Португалија ќе има многу причини да се грижи по еден од своите најслаби натпревари во последно време. Конечниот резултат беше Португалија 1:1 ДР Конго, а впечатокот е дека Африканците беа поблиску до сензационална победа отколку Португалија до освојувањето на сите три бода.


