Џон Бон Џови - Фото: Инстаграм

ВИДЕО | Џон Бон Џови потврди дека е „целосно закрепнат“ пред турнејата, четири години по операцијата на гласните жици

Рок легендата Џон Бон Џови ужива во својата вила во Палм Бич, Флорида. Бос, во фармерки и маичка, тој е слика и прилика за задоволство додека ги користи последните слободни денови пред да се врати во Њу Џерси на интензивните проби со својот бенд за претстојната турнеја, пишува „Пипл“.

По тешката здравствена криза, тој научи многу повеќе да ги цени малите нешта во животот. Пред четири години (во 2022 година), тој беше подложен на сериозна операција на гласните жици, а во 2024 година за списанието „Пипл„ изјави дека не знае дали некогаш повторно ќе може да настапува. Сега, тој е конечно подготвен за големото враќање на сцената со турнејата „Forever“, која започнува во јули во Њујорк.

„Порано постојано бев фокусиран на работата, секогаш со наведната глава мислев на утрешниот ден, никогаш не живеејќи во сегашноста. Оваа ситуација ме принуди не само да живеам во денешницата, туку и да бидам благодарен за секој нов ден“, вели Бон Џови (64).

Двојна доза среќа: „Дедо Џон“ ужива со внуките

Освен музиката, најголема радост во моментов му носи семејството, особено откако за краток период стана дедо двапати. Неговиот среден син Џејк (24) и снаата, ѕвездата на серијата „Stranger Things“, Мили Боби Браун (22), минатиот август посвоија девојче. Само три месеци пред тоа, и неговиот најстар син Џеси (31) и сопругата добија ќерка.

„Ја гледате мојата нараквица? На неа пишува ’Папа Џон‘ – како пицеријата“, се шегува рок ѕвездата за својот нов прекар. „Џејк и Мили беа тука денес со бебето, штотуку си заминаа. Прекрасно е, апсолутно прекрасно“.

Битката за гласот и поддршката од бендот

По завршувањето на последната турнеја во 2022 година, Бон Џови мораше да направи операција бидејќи едната гласна жица буквално му атрофирала. Иако операцијата беше успешна, неговата иднина на сцената беше неизвесна. По години поминати во вежби со вокални тренери, тој вели:

„Целосно сум закрепнат. Траеше подолго отколку што очекував, но моравме да бидеме сигурни дека сè е во ред. Никогаш не ја изгубивме вербата“.

Во овој тежок процес, членовите на неговиот бенд ниту за момент не се сомневале во него.

„Никогаш не побараа друга работа, ниту пак помислија да се пензионираат. Жртвите што ги направија за да бидат со мене се на сосема друго ниво. Ми рекоа: ’Не, со тебе сме‘. Мојата љубов кон нив само се продлабочи“, вели тој за своите колеги од бендот.

Алек Џон Сач, еден од основачите на „Бон Џови“ / Фото: Profimedia

Спектакуларен почеток во Медисон Сквер Гарден

На 7 јули бендот ќе ја започне својата турнеја „Forever“ со девет концерти во култната арена Медисон Сквер Гарден во Њујорк, пред да замине во Англија и Ирска, каде концертите се веќе распродадени.

„Не се работи за совршенство. Се работи за извонредност“, вели тој за магијата на живата музика. „Ова е како заедница, како духовна причест меѓу бендот, мене и публиката“.

бон џови сопруга
Фото Профимедиа

Повеќе од четири децении по лансирањето на неговиот прв голем хит „Runaway“ во 1984 година и легендарниот албум „Slippery When Wet“, Џон Бон Џови сè уште цврсто стои на земја и не заборава од каде потекнува. Тој сè уште живее во Њу Џерси со својата сопруга од средношколските денови, Доротеа, со која ги имаат и ќерката Стефани (33) и синот Ромео (22).

Исполнет со нова енергија, поддршка од семејството и огромна благодарност за вратениот глас, тој со нетрпение гледа кон иднината:

„Мислам дека ова е ново раѓање. Се работи едноставно за чиста радост“.

ФОТО | Џон Бон Џови го објави својот прв музички договор и откри колку бил платен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот