ВИДЕО | Пендаровски: Предложив да им се забрани влез во земјава на повеќе лица од Бугарија

Стево Пендаровски, претседател на РСМ/Фото: МИА

Предлог за забрана за влез во државата на еден пратеник од Бугарија дал претседателот Стево Пендаровски, откри тој по седницата на Советот за безбедност во вилата Водно, која се одржа попладнево.

Пендаровски, напоменувајќи дека тој според неговите надлежности може само да предложи ваква мерка, рече дека предлогот за забрана на влезот во Македонија се однесувал на повеќе лица од Бугарија, меѓу кои и еден пратеник на земјата во Европскиот парламент. Иако не го спомена по име Ангел Џамбаски, претседателот во одговор на новинарско прашање не негираше дека се работи токму за бугарскиот европратеник, кој неодамна беше во Скопје на одбележувањето на годишнината од смртта на Мара Бунева.

На седницата на Советот за безбедност се зборувало за состојбата на Косово и во Украина, за претседавањето со ОБСЕ, но и за актуелните случувања во односите со Бугарија, рече Пендаровски.

Според претседателот, во Бугарија и логистички и финансиски се мобилизирани структури кои на 4 февруари ќе организираат група од Бугарија која ќе пристигне во земјава на одбележување на годишнината од смртта на Гоце Делчев. Претседателот рече дека ова е настан од висок безбедносен ризик, а надлежните органи „не смеат и нема да останат само неми набљудувачи“. За настанот ќе бидат преземени сите потребни безбедносни мерки – од границата, сѐ до гробот на Гоце Делчев во скопската црква Свети Спас, најави Пендаровски.

Тој рече дека пристапот на нашата држава кон ваквите ситуации ќе продолжи на ваквите „провокации“ и „антидржавни кампањи“ да се одговара со „културна и дипломатска реторика, како и досега“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот